Во недела, 2-ри јуни 2013 година, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ќе го одржи 14- от Конгрес, во хотел „Холидеј Ин“, со почеток во 12:00 часот.
На Конгресот ќе се бира наследник на Бранко Црвенковски- кандидати за лидери се Игор Ивановски, Зоран Јовановски, Кире Наумов и Зоран Заев, кои во јавноста излегоа со свои програми и цели, најава за промени и реформи во партијата. Заев е единствениот кандидат кој ја најави Радмила Шеќеринска како негова десна рака, односно востановување на нова функција- потпретседател.
Претходно, постоеја напори за обединување на тројката Ивановски, Јовановски и Заев и избор на еден кандидат, или втора варијанта, елиминација на еден од тројцата, за да не дојде до евентуален раскол во партијата, идеја која беше на крај отфрлена.
НОВА планираше серијал на интервјуа со кандидатите, но и покрај привичната согласност на четворицата кандидати, единствено Јовановски и Наумов успееја да ги усогласат обврските и да бидат гости во СТУДИО.
Заев и Ивановски се извинија за неможноста да бидат интервјуирани заради неодложни обврски и средби со делегатите во општините каде лобираат за прв човек на СДСМ.