СДСМ бара од Јавното обвинителство да отвори предмет за тендерот од 1,2 милиони евра што, според нив, ѝ бил доделен на фирма на советник од „Движењето ЗНАМ – За наша Македонија“ за услуги во АД „Пошта“.
Антикорупцискиот тим на СДСМ објави писмо од свиркач, вработен во Пошта за, како што велат, „организирано испумпување јавни пари и системска кражба на пари од граѓаните“.
Постојат основани сомнежи дека над 300.000 евра годишно, пари на граѓаните, се вадат преку корупциски шеми. Како?
Според наводите, недостасуваат постојано околу 14 хигиеничари, а други работат со половина работно време и покрај тоа што за сите нив се исплаќа целосен износ, како да се вработени и присутни цел ден. Како се прикрива сето ова?
Со потпишување лажни дневници за отсутни хигиеничари, лажни извештаи за наводни генерални чистења кои никогаш не се реализираат, велат од партијата.




