Опозициската СДСМ преку пишано соопштение до медиумите порачува дека е можно да се обезбедат 53 милиони евра за надомест на штетата за поплавените од скопскиот и тетовскиот регион без да се прави ребаланс на Буџетот.
-Искористувајќи ги поплавите и судбините на семејствата од поплавените подрачја, ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски предложија ребаланс на буџетот. Освен пренамената на 33 милиони евра за отштета, кои патем без срам изјавија дека ќе ги обезбедат од ново задолжување, дополнително ВМРО-ДПМНЕ се обидува да си обезбедат 232 милиони евра за предизборна корупција.
Средствата за Рајската градина и за Панорамското тркало во износ од 33 милиони евра, заедно со 20-те милиони евра од четвртата еврообврзница, планирани за бегалската криза, кои не се потрошени, се сумата од најмалку 53 милиони евра која може да се обезбеди без никакви дополнителни задолжувања за помош на настраданите во скопскиот и тетовскиот регион. Македонија нема веќе простор за нови задолжувања, а намалувањето на кредитниот рејтинг од страна на Агенцијата ФИЧ е поради темпото на задолжување во изминатите осум години – се вели во соопштението од СДСМ.