Сојузот за иднината излезе со писмена реакција во која се вели дека е трагикомична, безсмислена и крајно разочарувачка денешната изјава на кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, г-дин Владимир Тодоровиќ.
-За какво “заобиколување на волјата на граѓаните” зборува Тодоровиќ, кога токму волја на граѓаните е тој да си замине. Затоа, нека покаже барем малку достоинство и нека го признае поразот, зошто и покрај сите притисоци, уцени, поткупувања, уфрлени фантомски гласачи и огромен број на неважечки ливчиња, ги изгуби изборите со 15% разлика, се вели во реакцијата.
Сојузот за иднината уште еднаш го повикува г-динот Тодоровиќ да ја испочитува јасно изразената волја на граѓаните на Центар и веднаш да закаже средба на која ќе се изврши примопредавање на градоначалничката функција.