Од денеска во СДСМ започнува лобирањето за нов претседател, од седницата на Централниот одбор на СДСМ во 18 часот, после конечната одлука на досегашниот лидер Бранко Црвенковски да не се кандидира за оваа функција.
Оттука, започнува да се кристализираат шансите за сите досега познати кандидати: Зоран Заев како лидер и негов заменик Радмила Шеќеринска (целта е да биде востановена нова фунција), Игор Ивановски, Зоран Јовановски и Кире Наумов. Единствено последниот јавно ја обелодени својата амбиција за нов лидер на СДСМ, поддржан од фракционерите Владо Бучковски, Ѓорѓи Спасов и Миле Зечевиќ.
Според извори на НОВА од врвот на Партијата, Црвенковски најавил дека нема намера да се меша во кандидатурите, ниту пак да дава јавна ниту скриена поддршка до било кој кандидат.
Зоран Заев, еден од кандидатите кои досега јавно не ја соопштија својата намера да бидат наследници на Црвенковски за НОВА изјави:
-Вечерва нема да бидат соопштени никакви големи одлуки, освен дека започнуваат подготовките, односно трката за нов претседател на СДСМ. Верувам во демократска процедура на избор на нов лидер, а тоа ќе биде видливо- дали таа демократија постои или не, тоа ќе се провери во следниве 30-тина дена, до 2 јуни, кога се одржува Конгресот на СДСМ.
Сепак, големиот број на кандидатури претставува проблем, изјавуваат извори во СДСМ за НОВА, во смисол на раскол и расцепкување на Партијата, наместо да се обединат околу 2 или барем 3 кандидати, по углед на старите демократии, востановена практика која гарантира единство и сила на една партија.