СДСМ утре ќе разговара за предлог кој би претседавал со Анкетната комисија за црниот понеделник после што овој став ќе биде соопштен и на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, изјави за НОВА генералниот секретар на оваа партија, Андреј Петров.
Тој додава дека одолговлекувањето на именување на прв човек на Комисијата се објаснува заради празниците, но и отсуството на лидерот на опозициската СДСМ Бранко Црвенковски.
Досега, познати се имињата на универзитетските професори Љубомир Фрчкоски и Рената Дескоска како претставници на СДСМ и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Благородна Дулиќ и Илија Димовски, како четворица членови на комисијата за расветлување на инцидентот во Собранието од 24 декември.
Како што е познато, во извештајот од април Европската комисија стартот на преговори за Македонија го услови со резултати од мартовскиот договор помеѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, а препораката зависи директно од тоа дали ќе се формира анкетната комисија за расчистување на инцидентите од 24 Декември, како и останатите услови- дали ќе се продолжи дијалогот со новинарите и склучувањето на меморандумот за соработка помеѓу партиите.
Еврокомесарот за проширување Штефан Филе на прес -конференцијата околу априлскиот извештај рече дека не е задоволен од тоа како тече имплементацијата на договореното помеѓу партиите од март.