Чекорите што ќе ги преземе земјава по воведувањето забрана за увоз на компир и мед од Северна Македонија во Косово како реципрочна мерка за воведувањето забрана за увоз на рибен подмладок и икра од Косово ќе бидат познати на средбата што ќе ја одржат денеска министрите за економија и за земјоделство, шумарство и водостопанство Крешник Бектеши и Трајан Димковски со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов.
Ова викендов на прес-конференција во Владата го најави министерот Димковски. Тој, во одговор на новинарско прашање дали ќе следи трговска војна со Косово, нагласи дека нема експлицитна забрана за увоз од Косово и додаде оти во земјава може да се увезува свежа косовска риба, но не и рибен подмладок и икра поради фактот што не спроведуваат мониторинг.
– По состанокот в понеделник ќе биде јасно што ќе преземеме. Косово нема експлицитна забрана за увоз на рибен подмладок и икра и треба само да докажат дека го спроведуваат мониторингот. Воедно, забраната за увоз на рибен подмладок и икра не се однесува само за Косово, туку и за сите останати земји кои немаат мониторинг, бидејќи земјава се подготвува од следната година да добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар, рече во саботата Димковски.
Утре Бектеши и Атанасов треба да заминат во Приштина да ги разубедат Косовските власти да ја тргнат забраната за увоз на македонски компири и мед.
Прецизира дека од земјава во Косово годишно се извезуваат до 1.000 тони компири, а извозот на мед е во вредоност од околу 400.000 евра годишно.

