ОХИС е обезбеден, пожарот е целосно под контрола и безмалку изгаснат, нема опасност за граѓаните, ниту од експлозија ниту од отровни гасови, ниту од ширење на пожарот, напиша директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов кој по попладневната прес-конференција се упати кон кругот на хемискиот гигант во Скопје и на лице место се увери во ефектноста на противпожарната интервенција.
Шест противпожарни возила интервенираа на пожарот што попладнево изби во кругот на фабриката Охис. Според информации на противпожарната служба, пожарот се појавил кај влезната капија, и во управната зграда. Со оглед што во кругот на фабриката се наоѓа депонијата на линдан и вознемиреноста на граѓаните беше на повисоко ниво.
Поради вдишување на чад, еден пожарникар е хоспитализиран на Токсикологија. Паралелно со гасењето на пожарот во тек е истрага за причината за истиот.