Вооружени напаѓачи денес отворија оган врз верници и активираа експлозив во католичка црква во југозападна Нигерија, оставајќи повеќе десетици мртви, соопштија официјални државни претставници.
Цел на напаѓачите била католичката црква Свети Фрањо во државата Ондо каде биле собрани верници по повод религиски празник. Меѓу загинатите има и многу деца. Властите веднаш не објавија официјален број на загинати. Од локалната власт велат дека најмалку 50 луѓе биле убиени, додека пак други, според Асошиетед Прес, наведуваат уште поголема бројка.
Засега не е јасно кој стои зад нападот во црквата. Додека голем дел од Нигерија имаше проблем со безбедноста, Ондо е позната како една од најмирните држави во Нигерија. (АП)