Пожарот кој пред два дена започна да гори околу манастирот Трескавец се уште е активен и постои опасност тој да го зафати манастирскиот комплекс, информираат од Општина Прилеп.
– Вчера пожарот беше ставен под контрола, но денеска во раните утрински часови тој повторно се разгоре. Мислам дека до вечер целосно ќе биде изгаснат огнот – рече Станко Колески, командир на Територијалната противпожарна единица – Прилеп.

Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески искажа огромна благодарност до сите доброволци кои учествуваат во гаснењето на пожарот и повика кон поголема совесност на граѓаните. Благодарност до доброволците и пожарникарите искажа и монахот Калист кој живее во манастирот Успение на Пресвета Богородица – Трескавец.
– Би сакал да искажам една искрена благодарност до сите доброволци кои веќе три дена, да не речам деноноќно се присутни тука во планината за да го спречат огнот да не дојде до манастирот. Се плашам да не заборавам некој, тука би ги споменал навивачката група „Мајмуни“, сите вљубеници во природата, планинари, секако целиот Кризен штаб кој ги координира активностите, членовите на ТППЕ и локалната самоуправа. Се надеваме дека утре целосно ќе биде изгаснат пожарот – рече монахот Калист.
Доброволците велат дека се труделе со сите сили да го одбранат манастирот, но гаснењето оделе тешко поради непристапниот предел и ветерот.
– Трет ден помагаме во гаснењето на пожарот, но дува силен ветер и огнот се засилува постојано. Буквално од сите четири страни се обидуваме да го спасиме манастирот, има голем број доброволци и вработени во јавните претпријатија кои се присутни тука – вели Дејви Спиркоски, доброволец.

Доброволците ќе останат на Трескавец и во наредните 24 часа. Инаку на територијата на Општина Прилеп има уште два активни пожари, кај селото Крушевица и селото Никодим.

