Во текот на ноќта беа забележани серија земјотреси во централна Хрватска, од кои најсилен беше во 4:55 часот што ја потресе Петриња и околината, но се почувствува и во Загреб, јавуваат хрватските медиуми.
Првиот силен земјотрес со јачина од 3,7 степени според Рихтер и интензитет во епицентарот на V степен од ЕМС скалата се случи во 4 часот и 55 минути. Втор послаб земјотрес со јачина од 3,3 степени според Рихтер и интензитет во епицентарот на IV степен од скалата ЕМС се случи во 5 часот и 19 минути, се вели во извештајот на хрватската сеизмолошка служба.
Потоа следуваа уште неколку слаби земјотреси, со јачина од 1,9 до 2,7 степени. Сведоштвата на веб-страницата на ЕМСЦ покажуваат дека земјотресите дополнително ги вознемириле жителите на Бановина. Повеќето корисници наведуваат дека ги разбудило силниот удар што траел неколку секунди.