Поранешниот американски пратеник на Балканот, Даниел Сервер за МИА вели дека ќе има малку повеќе напредок ако меѓународната заедница се повлече и ги принуди Атина и Скопје директно да се занимаваат со спорот за името.
Професорот на универзитетот Џонс Хопкинс Даниел Сервер во разговор за македонската новинска агенција МИА, го образложува неговиот предлог за запирање на посредничката улога на Обединетите нации во спорот за името. Сервер вели дека сигналот од меѓународната заедница дека спорот мора да го решат Македонија и Грција, а не некој од надвор, би можел да поттикне директни разговори меѓу двете страни.
„Мислам дека спорот за името веќе не е толку важно прашање за Американците. Американците ја донесоа својата одлука, ја признаа Македонија под уставното име, и мислам дека другото го сметаат за работа меѓу Скопје и Атина. Имаме и Американец посредник, повеќе од 20 години, и тоа е уште еден вид посветеност. САД се решени да го одржат ова ниво на посветеност, но идејата дека ова прашање е високо на агендата на списокот на приоритети во Вашингтон не е точна“, истакнува поранешниот американски пратеник на Балканот.