Доколку САД се согласи на директни разговори, Северна Кореја е подготвена за прекин на тестирањата на нуклеарни ракети, пишуваат медиумите во светот, повикувајќи се на специјален советник за национална безбедност на јужнокорејскиот претседател.
Тој додал дека Северна Кореја била подготвена на отворен разговор со САД на тема денуклеаризација на земјата и нормализирање на односите помеѓу Пјонгјанг и Вашингтон.
Според Чунг Еуи-Јонг, Пјонгјанг јасно ставил на знаење дека нема да му треба нуклеарно оружје ако нема воени закани од САД и добие безбедносни гаранции.
Северна Кореја, исто така, ветила дека нема да употреби никакво оружје против својот јужен сосед.
Истовремено, Јужна Кореја се согласила да одржи средба со Северна Кореја на највисоко ниво наредниот месец.
Најавено е дека лидерите на двете земји ќе се сретнат во пограничната демилитаризирана зона.

