Портпаролот на СДСМ Петар Шилегов за НОВА ја образложи синоќешната одлука на Извршниот одбор да не се прифатат мандатите во Собранието и воопшто да не се поднесуваат приговори до ДИК.
Шилегов вели дека во предизборието и низ целиот изборен период биле поднесувани претставки до надлежните институции- ДИК и Јавно обвинителство и бројката на претставки стигнала до 170. Ниту една не е прифатена, а многу од нив и воопшто не се разгледани, додава Шилегов. Токму поради тоа не гледаме ниту една причина зошто би поднесувале приговори до ДИК, во услови кога воопшто не функционираат институциите.
По синоќешните разговори на Извршниот одбор, од 18 часот во СДСМ започнува со работа Централниот одбор, каде што ќе бидат образложени одлуките од ИО и каде се очекува со аргументи и демократска дебата, да се донесат одлуки за идните чекори на СДСМ, вели Шилегов.
Отворените опции на СДСМ се инструментите за делување на СДСМ без и со 34 пратеници во Собранието, маргинализација и самоизолација или институционално дејствување, кои ќе бидат соопштени по вечерашната средбата.
Државната изборна комисија до синоќа, согласно рокот, добила два приговора од ДУИ, од ГРОМ четири и од ДПА шест за постапката на гласање.
Доколку партиите не се задоволни од одговорот на ДИК, имаат право да поднесат жалба и до Управниот суд, кој треба да одговори за 48 часа.