Агим Велиу од Демократската лига на Косово изјави дека неговата партија, Алијансата за иднината на Косово на Рамуш Харадинај, ААК, и Иницијативата за Косово на Фатмир Лимај се согласиле за коалиција за формирање на нова влада во Косово, објави Балкан инсајт
“Рамуш Харадинај е нашиот кандидат за премиер”, рече во вторникот Велиу.
Објавувањето предизвика шок во главниот град на Косово, Приштина, каде што сите очи за формирањето на новата влада беа вперени во владејачката Демократска партија на Хашим Тачи, ПДК, која освои најголем број гласови на општите избори во неделата. Партијата на Тачи освои 30 отсто од гласовите и ќе има околу 36 места во Парламентот.
ЛДК, ААК и Нисма соопшти дека се обединиле да формираат “влада за враќање на надежта”.
“Владата на враќање на надежта ќе се фокусира на економскиот просперитет, создавање на нови работни места и борба против организираниот криминал и корупцијата”, се вели во договорот потпишан од страна на Харадинај, Мустафа и Лимај.