Селта приреди големо изненадување во шпанскиот куп. Екипата од Виго ремизира (2:2) на својот „Балаидос“ против Реал Мадрид и со вкупни 4:3 обезбеди полуфинале во натпреварувањето.
Стрелци за домашните беа Данило (автогол) во 44 минута и Данецот Даниел Вас во 85 минута, двете реализации за „кралевите“ беа дела на Кристијано Роналдо во 62 минута и Лукас во 90 минута.
Ова е четврти меч во последните пет (првенство и Куп) што тимот на Зинедин Зидан не успеа да победи. На овој кризен период, пак, претходеа 40 меча без пораз.
Полуфиналисти во Купот на Шпанија се и Алавес и Атлетико Мадрид. Вечерва (21,15 ч.) ќе биде заокружена големата четворка по одигрување на реваншот меѓу Реал Сосиедад и Барселона. Каталонците славеа во првиот меч со 1:0.