Собранието денеска го донесе Законот за високото образование.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев претходно рече дека нема да гласаат за Законот за високото образование, бидејќи не бил прифатен ниеден од амандманите што ги поднеле. Една од новините на Законот е посебно тело за евалуација на квалитетот на високото образование и посебно тело за акредитација.
Што содржи новиот Закон за високо образование
Главни цели на новиот предлог закон се автономијата и квалитетот на универзитетите.
Деканите и ректорите ќе имаат помала моќ од досега и таа ќе биде деконцентрирана на сметка на наставно научните совети на факултетите и на сенатите. Се менува и начинот на нивниот избор, бидејќи целиот процес ќе почне со непосредно гласање на професорите на факултетите. Им се скратува мандатот од досегашните 4 години, на три.
– Имаше еден вид ограничување на автономијата на универзитетите во текот на измените на постојниот Закон, што доведе до негова контрадикторност со членот 46 од Уставот кој изрично гарантира автономија на Универзитетот. Најголем дел од измените во изминатиот период беа правени без консултација и без вклученост на универзитетите, што и доведе до одредени проблеми во спроведување на законите бидејќи решенијата беа креирани во канцеларија, а не во салите за состаноци во факултетите. Затоа одлуката беше да се оди на сосема нов закон, зашто она што е нефункционално е многу тешко да го поправате, образложи министерката за образование и наука Рената Дескоска на 3 април кога предлог законот се разгледуваше во матичната комисија.
Студентските парламенти ќе се трансформираат во факултетски студентски собранија кои ќе функционираат како тела при универзитетот, а не како досега како граѓанска организација.
Нa овој начин според независниот пратеник Ивана Туфегџиќ моќта ќе се врати на матичните факултети и нивните студенти. Ги одбива како неосновани обвинувањата од студентскиот парламент дека на ваков начин ќе се изгуби автономијата на студентското организирање.
– Факултетските собранија се избираат на непосредни избори и во нив ќе членуваат претставници на студентите избрани на слободни, фер и демократски избори и потоа тие ги избираат своите претставници на ниво на универзитети. Студентите најмногу се познаваат во средините каде што учат и затоа непосредните избори се сконцентрирани на факултетите каде што тие ги знаат кандидатите за кои можат да гласаат. Целта е да се направи департизација на студентското организирање и да не се овозможи мобилизатори на студентите да бидат политичките партии, рече министерката Дескоска.
За ограничување на моќта на министерот за образование и наука, пак, ќе се формира Национален совет за образование, наука и истражување, кој ќе преземе надлежности од министерот во сферата на високото образование.
Со новиот закон се предвидува почетокот на академската година да се врати први октомври, а не на 15. како досега. Зимскиот семестар ќе заврши на 15. јануари, односно летниот ќе почне на 15. фебруари, а ќе заврши на 31 мај.
Се воведува Агенција за квалитет на високото образование, а во иднина одборот за акредитација и евалуација ќе функционираат посебно.
Универзитетите ќе имаат надворешна евалуација од стручни комисии во кои две третини ќе ги сочинуваат професори од универзитети од земји членики од Европското здружение за обезбедување квалитет во високото образование.
Во новиот закон повторно останува тригодишното образование со 180 кредити. Смета дека сите студиски програми треба да бидат четиригодишни затоа што во огласите за работа се бара високо образование со 240 кредити.
Во новиот Предлог се воведува асистент како звање наспроти досегашното асистент докторант со недефинирано звање, а се воведуваат и критериуми за избор на демонстратори.
Измените во законот започнаа во јуни минатата година кога се формираше работна група во МОН со вклученост на претставници од сите засегнати страни. Оттогаш на јавен увид беа претставени три нацрт-верзии со цел преку сугестии и укажувања текстот да биде подобрен со прифатливите забелешки.
Материјата во Предлог-законот е опфатена во 16 глави и 228 членови.
Законот досега имаше 21 измена и дополнувања, а само од 2015 е променет пет пати.