“Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност”.

“Тетовирани души”-Горан Стефановски

Зачудувачки се, би рекле неразбирливи, ставовите на претседателот Пендаровски и министерката за култура Стефоска, нивните критики за најновото интервју на премиерот Заев, за бугарската агенција БГНЕС. Тие гледаат на иднината- дека таа е можна само има взаемна почит и зачувување на достоинството, но што знаат тие, кои се тие нешто воопшто да знаат и да посакуваат?

Стефоска, светски признаена историчарка, давајќи му поддршка на Заев за досегашните напори и процеси, за кои знаеме дека се неспорни, практично му одговара на Заев- кога тој вели- “Бугарија не е фашизам, Бугарија е наш пријател… Бугарија се крена на антифашизам, се избори за слобода и несомнено, беше дел на антифашистичкиот фронт”. Tаа објаснува дека и покрај се, “Заев не може да му помогне на бугарското општество да се справи со темните страни од минатото”. Потсетува на клечењето на австрискиот канцелар Вили Брант- пред Споменикот на хероите во Варшава, да побара прошка и да се извини за злосторствата на нацистите во Втората светска војна. Тоа кај нас, на Балканот оди многу бавно, како и се, конечно.

Пендаровски пак, со искуство од 20 години во надворешната политика, колку и што го познавам, еднакво, потсетува- “антифашистичката борба е во темелите на современата македонска држава- ние сме се  бореле против оние кои беа на страната на фашистите”. Притоа додава, дека “во целиот процес на изнаоѓање решение, тоа може да се случи ако се почитува македонскиот народ, како и бугарскиот, и со избегнување на опасната замка на историскиот ревизионизам, заснован не врз факти, туку врз политички конструкции”. Дека “македонскиот народ имa своја засебна историја, како што има и бугарскиот”.

Навистина, бескрајно зачудувачки и неразбирливи ставови на Стефоска и Пендароски. Во сонот за иднината, за Европа, не бараат излез во додворување на Бугарија, преку фалсификување на минатото. Не можат да ги разберат идеалите, сонот, визијата за денот кога Македонија ќе влезе во Европа, не се свесни за европските перспективи, заради кои мора да се жртвува некој образ, срам, да се умре од срам, секако.

Затоа што, за жал, Заев заборава, дека таа војна не траела само во 1944 година, кога Црвената армија влегува во Бугарија, за да ја ослободи од  фашистичка влада која е на сцена во оваа земја. Да, дури тогаш војската ја фрла окупаторската униформа, и облекува ослободителна. Затоа и овие бугарски војници се приклучуваат во ослободувачките операции на дел од македонските градови, за кои говори Заев. Затоа и генералот Михајло Апостолски не дозволува да маршираат победоносно во Скопје, а тоа мора Заев да го знае, и не смее да го премолчува во вакви интервјуа, во кои сака да се избори за пријателски потези на Бугарија, наместо ново вето во декември.

Но, не, Пендаровски и Стефоска ништо не читаат. Не ги читаат анализите на добронамерните интелектуалци, кои сметаат дека се било прашање на историски интерпретации-  кој бил навистина анти-фашист- еластични, релативизирачки, флексибилни мора да бидеме, или нема да не биде. Види, богати.

Да се потпишат различни интерпретации на историјата, затоа што заради тоа не смее да се изгуби тој пат кон ЕУ, дека не е во ред заради читањето на различната историја со Бугарија, онаа од Втората светска војна, да не се започнат преговори со ЕУ. Да, тоа секако дека е во ред, можеме да толкуваме различно, се додека не се побара и тоа да се потпише, верификува, завери, и – тресне печат на главите на секој.

Како вели Заев- “Кога ни било тешко, заедно ни било тешко. Кога ни било добро, заедно ни било добро”. Нема дилема, во некоја друга паралелна реалност, веројатно Македонија, заеднички со Бугарија ја сметала бугарската окупација за добар, великодушен чин, а во исто време, страдањата биле заеднички.

 Бугарија може да ја толкува својата историја како што сака

Да не бидеме заложници на толкувањето на историјата, особено на анти-фашизмот, велат нашиве интелектуалци. О, па, ве молам, секој може таа историја проклета како сака да ја менува, брише, измислува, да додава и прекројува, да раширува мапи и да прецртува, историјата за што служи, ако не за подбив, исмевање, изживување.

А кој е заложник на историјата воопшто, ве молам, затоа што,  кој забранил Бугарија да ја толкува сопствената историја како што сака и замислува- се додека не бара тоа да го стори и Македонија, можат да пишуваат и учат што сакаат, нека му објаснуваат на светот кој бил окупатор, а кој предавник, кој ослободител, а кој народен херој, зошто тоа нас би не засегало, добога, ако на тој начин се трансформира светската наука, и почне ваквото толкување на историјата да биде научно прифатено.

Дали со историја се влегува во ЕУ? Дали е важно како се чувствувате вие, врз што почива вашиот идентитет, дека ќе се избрише,  го имате ли воопшто тој идентитет, или  сега потребно набрзина да го измислите, за потребите на славење на политичарите кои сакаат да не внесат во ЕУ, за подоцна мирно и спокојно да заминат во историјата како спасители?

Зошто е важна земјата, а тоа е Бугарија, која некогаш ги окупирала вашите предци и оваа земја, па ги фрлила униформите после некоја година, и облекла преку ноќ ослободителни униформи, размачкани од истата крв кога ѕверствата биле на сцена.

Зошто воопшто ви се потребни предците, кога ја имате иднината, ви се смеат дека сте плиткоумни. Нека пишуваат во Бугарија своја сопствена историја, се што ќе посакаат, се додека не влегуваат и размачкуваат тука- историски архиви, документи, филмови, фотографии, сведоштва, записи- кои, инаку, се нарекуваат историски факти, и конечно, тие се прифатени од светската историја.

Зошто не го жртвувате тоа здодевно, несреќно минато, за оваа блескава иднина, која е на чекор, само мора да се направат некои мали, нежни, неважни отстапки. Како оние, за кои читам од Беса Арифи, дека биле минорни- Бугарија можеби ќе одлучи да употреби одредена референца за македонскиот јазик во ЕУ. Дајте ве молам, тоа ли е проблем? Зошто да се плашиме од менување на историјата, нас може секој како сака да не нарекува, да пишува ѕвездички и фусноти, да не прекрстува и преправа, што сакаат можат да ни прават, ние имаме цел- да станеме дел од ЕУ, се друго е неважно, без визија за иднината.

“Нас со Бугарија долги децении не држеа далеку, разни власти, пред се за време на бивша Југославија”, како што вели Заев, и тоа мора да се поправи. Не знам како тоа мисли дека некој не разделил, како сме биле споени, имаме секако заедничка историја- нашата- ослободители и нивната- тие се наши окупатори, кои преку ноќ станале наши ослободители, но секако, најдобро е да станеме конечно пријатели и сојузници. Онака како што станаа Франција и Германија, конечно. Но, овие две земји ќе ви кажат дека без взаемна почит и зачувување на достоинството, тоа не е можно, но што знам јас воопшто, која сум јас, да барам некакви вредности, почит, достоинство, права, цивилизациски, човекови, базични права.

“Не ме боли газот за народните права. Ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие, ќе знае што да прави со нив”.

“Лет во место”- Горан Стефановски