Големиот бран на бегалци што во моментот се движат од Грција кон Македонија може да го попречи штрајкот на таксистите кои веќе четврт ден стојат на пругата кај Гевгелија и не го пропуштаат возот на Македонски железници.
Откако заврши штрајкот на фериботовите на островите во Грција, во моментот 1800 бегалци и мигранти се движат кон македонско-грчката граница. Околу 280 таксисти бараат да им се дозволи да ги превезуваат бегалците до Табановце и тоа во однос 50-50 со возот на Македонски железници. Утринава тие го пропуштиле возот, како што велат, во знак на добра волја кон бегалците.
Но, велат наместо 500 бегалци колку што најавиле од Македонски железници во возот се качиле над 800. Тие велат дека возовите кои се во катастрофална состојба се преполнуваат со многу бегалци, кои во нехумани услови се превезуваат до Табановце. За карта во еден правец тие плаќаат по 1500 денари.
„Ги преполнуваат возовите кои с е во многу лоша состојба, со искршени стакла и седишта,без светла, седат по подовите или се наредени еден до друг. Возот може да пренесе најмногу до 920 луѓе, а тие пуштаат двојно повеќе. Ние возиме по една тура секој трет ден и бараме да тоа да се смени. Во таква ситуација и бегалците ќе патуваат похумано, а и ние ќе имаме работа“, вели за НОВА еден од таксистите кој сакаше да остане анонимен.
Како ќе биде организиран превозот понатаму во моментот одлучуваат првите луѓе на МВР, ЦУК и Гранична полиција. Таксистите велат дека од нивната одлука ќе зависи дали ќе престане штрајкот кој го организираат на пругата.