Дипломатски извори за НОВА брифираат дека изненадувачкиот потег не е дискутиран со меѓународниот фактор, додека извори од опозицијата исто така тврдат дека не разговарале со ДУИ за можни нови коалиции.
Што ли сега значи потегот на ДУИ? Ова е прашањето на денот кое си ги поставува целата јавност по вчерашната одлука на раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) да ги повлече своите министри, односно да ја напушти владата на само неколку дена пред распуштањето на парламентот. Познавајќи го минатото на често нарекуваната „тендер-коалиција“ со ВМРО-ДПМНЕ, аналитичарите со кои НОВАТВ разговараше велат дека е тешко да се проценат мотивите за оваа одлука. Сите карти се отворени на масата – од итно распуштање на парламентот и распишување избори, па се до создавање на нови комбинации за формирање на ново мнозинство без или со ВМРО-ДПМНЕ.
За едни, одлуката на ДУИ би била неможна без поттурнување од меѓународниот фактор, додека за други ова е уште една игра на тн. тендер коалиција.
Дипломатски извори за НОВА брифираат дека изненадувачкиот потег не е дискутиран со меѓународниот фактор, додека извори од опозицијата исто така тврдат дека не разговарале со ДУИ за можни нови коалиции.
Засега ниту една партија не го коментира потегот на ДУИ да ги повлече сите свои министри од владата. Портпаролот на ДУИ, Артан Груби за НОВА изјави дека во текот на денот партијата ќе излезе со писмено соопштение каде ќе ги објасни мотивите за излегување од владата.
Дел од медиумите блиски до власта уште вчера објавија дека ваквиот потег значи дефинитивно „бетонирање“ на датумот на изборите за 5 јуни.
Дали е можно ДУИ да направи ваков потег „на своја рака“ без консултација со меѓународниот фактор? Кои се придобивките за партијата од една ваква игра?
Аналитичарот Алберт Муслиу вели дека тој не верува дека ова значи бетонирање на датумот бидејќи ДУИ и ДПА јасно се изјасниле дека ќе се координираат со меѓународниот фактор за одлуките поврзани со изборите.
„Имајќи во предвид дека ДУИ се изјаснија дека нема да гласа за измените на Законот за кривична постапка ако не се постигне политички конзенсуз меѓу најголемите политички партии, не верувам дека би направиле нешто во спротивно со решавањето на кризата. Меѓународниот фактор е дел од решавањето на кризата и тие се гарантори на договорот од Пржино и не верувам дека ДУИ би се спротивставила на ова“, коментира Муслиу.
Политички судир во ДУИ или уште еден блеф во име на коалицијата
Аналитичарите гледаат две можни сценарија – или навистина надвладеала струјата која смета дека компромитирачките снимки кои се појавуваат на социјалните мрежи за функционери на партијата ја прелеале чашата и ова значи вовед во подготовка за експертска влада, или пак се работи за политички блеф кој ќе води кон избори на 5 јуни.
Според Петар Гошев, јасно е дека внатре во ДУИ има конфронтации на две крила од кои едното се залага за поблиска или „бетонирана“ соработка со Груевски, додека друга група се залага за дистанцирање од Груевски. Вели дека одлуката може да биде и предизборен блеф со кој би се задоволиле критичарите кои велат дека Ахмети вазалски се однесува кон Груевски.
„Треба да видиме дали тие дефинитивно ќе го распуштат собранието до седми април, а тоа не може да се направи без ДУИ. Ако тоа се случи всушност ќе се потврди дека ова е политички блеф. Доколку, пак, нивната одлуката се преточи во вистинско барање за исполнување на условите за фер избори, тогаш тоа ќе значи дека ДУИ не треба да поддржи распуштање на парламентот во овој период затоа што не се исполнети условите за тоа“, вели Гошев.
Во конкретниот случај без да се знаат вистински намери на партијата која синоќа сосема несодоветно на Фејсбук ја соопшти одлуката може само да се шпекулира и чека објаснување, коментира Денко Малески.
„Сите политички опции согласно Уставот се отворени, од распуштање веднаш на парламентот и распишување избори, до создавање на нови комбинации за формирање на ново мнозинство без или со ВМРО-ДПМНЕ и широка отворена коалиција“, додава тој.
Една од опциите е и формирањето на нова експертска влада која според Малески е можна само доколку кај одредени партии надвладеала свеста дека на државата и треба едно потемелно „чистење“.
„Тоа е едно од можните решенија, но експертски влади не висат во воздух туку мора да ја имаат поддршката на партите, затоа потребна е соработка околу остварување на целите и времето за кое би била формирана, пак е потребна соработка“, вели тој.
Според него, тешко дека одлуката е донесена без консултации со меѓународниот фактор. „ДУИ тешко дека ќе повлечат ваков сериозен потег, барем се во комуникација со нив и се информирале, но останува тие да го објаснат својот потег на јавноста“, додава Малески.
Пишува: Кристина Озимец