Античката колонада во Скопје сепак ќе се гради. Иако пред неколку месеци, новиот градоначалник на Центар Андреј Жерновски, прогласи мораториум за објектите од Скопје 2014, сепак тоа не е така лесно кога станува збор за нешто веќе потпишано, а чија изработка е платена, пишува Дневник.
Темелите за колонадата беа поставени, но засега проектот тапка во место. За Дневник од Центар велат дека изградбата ќе продолжи откако ќе заврши изградбата на подземната гаража, чиј инвеститор е Владата.
Колонадата претставува градба од низа столбови поврзани со греди кој стои слободно или е дел од друг објект. Висината е осум метри и на неа ќе се постават девет бронзени скулптури на музи: Kалиопе, Талија, Терпсихоре, Kлио, Мелпомена, Ерато, Еуртепе, Уранија и Полихимнија, како и два лава.
Висината на музите е 2,5 метри, а на лавовите 2,6 метри. По една скулптура ќе надвиснува над секој столб, а на крајните столбови на зданието ќе има лавови и мини-амфитеатар.
Проектот е изработен од проектантската куќа „Мегарон“, а трба да се издигне меѓу новите објекти на Финансовата полиција и Агенцијата за електронски комуникации.
Овој проект беше најавен пред речиси три години, а во меѓувреме беше избран изведувачот на проектот, фирмата „Бетон“, со која локалната власт склучи договор вреден околу 880.000 евра. Исто така се излеани и двете скулптури на музи во „РЖ институт“ од Скопје, за 350.000 евра, пишува Дневник.