Славенички каравани со автомобили и знамиња на ВМРО-ДПМНЕ низ скопските улици веќе ја прогласија изборната победа.
Колони од по дваесетина возила со свирежи и извици слават победа на вториот круг претседателски избори, како и на предвремеите парламентарни.
„На овие избори победија граѓаните на Република Македонија кои избраа претседател, кои избраа легитимни органи на државата. Денеска граѓаните покажаа дека се Европејци. Иако постоеја јалови обиди од опозицијата да се претстават овие избори како нерегуларни тоа не успеа бидејќи тоа граѓаните не го дозволија. Граѓаните го дадоа најголемиот одговор.
СДСМ се обиде да претстави дека има прекршување на изборниот процес, без ниту еден доказ или аргумент, или пак со само недоречености и манипулации. Граѓаните тоа не го дозволија“ – изјави Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната прес-конференција.
Предходно лидерот на СДСМ, Зоран Заев соопшти дека „СДСМ не го признава изборниот процес“.
„Граѓаните во Македонјиа се измамени, нема услови за елементарен изборен процес, кој е спроведен нецивилизирано, во истовреме е узурпирано уставното право на граѓаните“, рече Заев и истакна дека СДСМ како најголема опозициона партија итно бара формирање на техничка влада.