Организациите за заштита на животните здружено влегуваат во кампања против новиот предлог закон со кој се предвидува заловените животни, односно кучиња скитници да се усмртуваат доколку во рок од 30 дена не им се најде сопственик, а не како досега, да се стерилизираат, вакцинираат и да се враќаат назад.
Во борбата на здруженија против законот за кој веќе се поднесени бројни амандамни влегуваат и познатите личности од Македонија. Кампањата наречена „Правда за животнит“ ја поддржуваат музичари, актери, спортисти, водители, интелектуалци и останати бројни јавни личности масовно и јавно ја искажуваат поддршката на предлог законските барања на Анима Мунди, Мали Херои (Битола), Гласот на животните (Велес), Асоцијација на активисти за права на животните (ААПЖ) и гласно кажаа „СТОП“ за еутаназијата на бездомните животни.
Кошаркашкиот ас Перо Антиќ, глумиците Весна Бејби Петрушевска, Амернис Нокшиќи, Јета Реџеповиќ, музичарите Џина Папас Џокси, Паркети, Пеперминт, Ноне Неделковска, Игор Узунов водителите Маријана Станојковска, Зоран Василевски, Хелена Роза; Драган Б. Костиќ, познатата пејачка и композитор Тања Станковиќ Димовска, танчерите од Танцот со ѕвездите, и ред други познати лица јавно го искажуваат својот став дека се децидно против еутаназија на бездомните животни.
-Оваа кампања ја почнавме бидејќи еутаназијата е нехумана, неефикасна и повлекува исклучителни финансиски загуби. Искуствата велат дека 70% од животните во Македонија се убиваат. Предлогот на институциите е да секое бездомно животно може да биде усмртено по 30 дена од неговото заловување – што е во целост неетично и неприфатливо и би значела целосна елиминација на животните по улиците!
Тие велат дека ваквиот предлог закон е во целосна спротивност со европските директиви.
-Нашите предлог амандмани се усогласени со стандардите на европската легислатива и во нивното изготвување се директно вклучени наши бројни соработници – претставници од најсилните интернационални здруженија за заштита на животните, како и правници од Европската мрежа на адвокати и комисионери за права на животните во ЕУ и финализирани од представник на ОИПА интернешнал, г-дин Едоардо Гандини (застапник/лобист за правата на животните во ЕУ).