Словенечкиот парламент денеска едногласно го ратификува хрватскиот пристапен договор со Европската унија, со што Словенија стана 23-тата земја членка на ЕУ која го одобри приемот на Хрватска.
На ратификацијата во словенечкиот парламент присуствуваа и хрватскиот премиер Зоран Милановиќ и хрватската министерка за надворешни работи Весна Пусиќ, која изјави дека не само што во изминатиот период беа решени спорните прашања меѓу Хрватска и Словенија, туку се изградени и многу подобри меѓусебни односи
До ваков исход дојде откако пред еден месец премиерите на Словенија и на Хрватска, Јанез Јанша и Зоран Милановиќ договорија компромисно решение и за спорот во врска со Љубљанска банка.
Новата премиерка на Словенија Аленка Братушек изјави дека се радува на влезот на Хрватска во ЕУ, бидејќи, како што рече, тоа е и во интерес на Љубљана, како и дека членството на двете земји во Унијата отвара нови врати за соработка.