Словенечкиот претседател Борут Пахор го распушти парламентот во Љубљана и закажа нови избори во земјата за 13 јули. Експертите предвидуваат дека и по изборите нема да има стабилен однос на политичките сили.
Предвремените избори во Словенија доаѓаат откако премиерката Аленка Братушек поднесе оставка, а пратениците во парламентот не предложија нов мандатар.
„Изборите за Словенците се многу подобар избор отколку четврт обид да се именува мандатар или трета влада за само еден мандат на парламентот“, рече претседателот Борут Пахор.
Аленка Братушек поднесе оставка на почетокот на мај, откако ја загуби трката за лидерската позиција во својата партија „Позитивна Словенија“ од градоначалникот на Љубљана и основач на партијата, Зоран Јанковиќ.
На новите избори Братушек ќе настапи со партијата основана минатиот викенд „Сојуз Аленка Братушек“. Експертите предвидуваат низок одзив на изборите на средината од јули, поради летните одмори, но и со оглед на расцепканото партиско милје во земјата, предикции дека новите избори нема да донесат стабилен однос на политичките сили во Љубљана.