И покрај апелите на меѓународните институции и организаци, продолжен е притворот на новинарот Томислав Кежаровски за нови 30 дена, одлучи денеска Кривичниот совет на Основниот суд 1 во Скопје.
Продолжувањето на притворот на Кежаровски, според образложението на Кривичниот совет е поради можноста да „влијае на сведоците и на истрагата“ во случајот Ореше, односно за судењето на двајцата велешани осомничени за „нарачано убиство“ на пензионер од ова село.
Томислав Кежаровски, пред еден месец беше притворен во полициската акција „Ликвидација“ под сомнение дека во два текста што ги објавил пред пет години во магазинот „Репортер 92“ наводно го открил идентитетот на заштитениот сведок, иако тој тврдеше дека се работи за лажен сведок во овој случај.