Обвинител: Гордана Гешковска
Судија: Ивица Стефановски
Обвинети: Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, Хаки Азири,
Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ, Сами Љута
Ослободен: Сејди Рами
Број на рочишта: 35
Број на сведоци на обвинителството: 5
Број на сведоци на Судот: 1
Број на сведоци на одбраната: повеќе од 20
Забелешка: Се уште се чека на екстрадиција на првообвинетите Африм Демири и Агим Исмаиловиќ од страна на косовските власти
Оваа хронологија е направена со користење на текстовите од деталниот мониторинг на судењето од страна на колегите од специјализираниот портал за популарно право Академик
20.12.2012
Прочитан е обвинителниот акт, одбраната бара одложување поради тоа што еден од обвинетите не е запознаен со списите и доказите. Обвинетите Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство, а на предлог на обвинителката ќе им се суди во отсуство.
Содржина на обвинителниот акт
-Смиљковското езеро како место на злосторството е избрано поради тоа што обвинетиот Фејзи Азири бил концесионер на имотот близу до езерото. Фејзи Азири, Сејди Рами, Агим Исмаиловиќ и уште 3 непознати лица, пред 12.04.2012 година го разгледувале теренот.
Регистрирале колку лица доаѓаат, од која националност се, на која возраст, кога доаѓаат и кога си одат од езерото. Договорот паднал убиството да се случи на кобниот Велики четврток. Како што се договориле, Алил Демири заедно со браќата Исмаиловиќ околу 19 часот дошле на езерото. Демири носел пиштол, а браќата автоматски пушки. Демири со пиштолот испукал 8 куршуми, а браќата Ислаиловиќ 13, сите во исти момент упатени кон 4-те момчиња. Куршумите завршиле во нивните тела, ги усмртиле на лице место. На само 50 метри случајно се затекнал рибарот Борче Стефковски, обвинетите го забележале, во него пукале со 5 куршуми додека тој бегал кон своето возило. Тројцата биле заедно со уште 2 непознати лица.
Со возило „Опел омега“ веднаш се дале во бегство, освен Агим Исмаиловиќ кој избегал со друго возило и други 2 непознати лица. Обвинетиот Сејди Рами пред и по убиството бил логистика на случувањата, што да се прави по и пред ликвидацијата и како најдобро тоа да се изведе. Тој контактирал и со другите лица, засега со неутврден идентите кои биле на местото на убиството. Веднаш по ликвидацијата Сејди Рами се упатил кон фармата на Фејзи Азири во селото Белимбегово. Азири веќе го имал организирано бегството на Демири и браќата Исламиловиќ. Со Демири и Африм се сретнал кај хотел „Белви“ и заедно со уште 2 лица успеале да ги пренесат во Косово. Хаки Хазири, лицето коешто доброволно се откажа од статусот на заштитен сведок и стана шестообвинет за тероризам, со своето возило ги чекал обвинетите кај Качаначки пат и потоа ги возел до нивните домови, се посочува во обвинителниот акт.
09.01.2013
Обвинетите пред судот детално го раскажуваат своето алиби за ноќта на петкратното убиство. Агим Исмаиловиќ вели дека тој ден поставувал канализациона цевка во својот дом. Фејзи Незири бирал јагниња за градоначалникот на општина Илинден, а Сејми Рами вели дека вршел размена на возила под Железничката станица во Скопје. Дел од обвинетите се познаваат меѓусебе, како што посочуваат во исказите, немаат силни пријателски врски, туку површни познанства.
10.01.2013
Исказ дава обвинетиот Хаким Азири кој прво ја призна инволвираноста во случајот и требаше да биде заштитен сведок во процесот, но подоцна се откажа од статусот и во судницата изјави дека давал исказ под присила и поради страв за сопствениот живот.
„Точно е тоа што денес го кажав, ова од снимката го реков бидејќи бев присилен и психички малтретиран. Можеби некој може да го издржи притисокот, но јас не можев, во МВР ми рекоа што да кажам пред истражен судија, ми ветија дека ќе ме пуштат дома. Не ги познавам тие што ми се закануваа, но никој не ми го гарантираше животот, можеа да ме убијат. Сега судењето е јавно и затоа кажувам сите да слушнат, немам никаква врска со убиството“, му рече Азири на судијата.
Судијата во судницата ја пушти снимката од давањето исказ на Азири пред истражниот судија Владимир Туфегчиќ и во присуство на неговиот адвокат Насер Рауфи.
Според исказот даден во истрага на 11.04.2012 година во 23 часот тој добил телефонски повик од Алил Демири при што се договориле наредниот ден околу 12 часот напладне да се сретнат кај Демири дома. Откако се сретнале се упатиле кон Сингелиќ кај Африм Исмаиловиќ, кој му рекол дека денеска ќе направат нешто поради нерасчистени сметки и го упатил истиот ден во 18 часот да го земе брат му Агим од дома и да го однесе во Топанско поле. По договореното го сторил тоа и видел како Агим влегува во марка автомобил Опел омега – црвена боја кој бил паркиран на автобуската постројка.
Агим го запалил автомобилот и се упатил во непознат правец. Потоа по договорениот план, сам со својот автомобил марка Мазда се упатил кон обиколницата и чекал да дојде 19:20 часот и според планот да се појават Афим Исмаиловиќ и Алил Демири. Околу 20:00 часот, позади него се паркирало возило. Според неговите зборови дадени во истрага не можел да види кој се има внатре, но во неговото возило влегле Алил Демири и Африм Исмаиловиќ.
„Тие кај себе немаа оружје, носеа црни капи, но јасно им го видов ликот. Имаа ракавици и на себе носеа црни тренерки.
Ги прашав што се случи, а Африм ми одговори: Направивме гомнарија, убивме човек, вози кај тебе дома. Тргнав со автомобилот, возев право, ништо не ги прашав ниту пак тие двајца разговараа“, вели обвинетиот на снимката.
15.01.2013
Родителите на убиените момчиња се придружуваат кон кривичниот прогон. Сослушувањето на сведоците е одложено.
17.01.2013
Се сослушуваат сведоците на обвинителството. Тројцата рибари кои таа ноќ биле на езерото за време на ликвидацијата на момчињата не можат да ги препознаат обвинетите. Некои од сведоците виделе 3-4 луѓе во темна облека, еден видел човек со панцир. Никој не може да го препознае точно возилото бидејќи било темно. Двајца од нив тврдат дека ги виделе момчињата кога дошле на езерото, а сите го раскажаа истото – кога сакале да си заминат вооружен маж во придружба со уште неколку лица пресекувајќи им го патот им се заканил дека ќе ги убие ако не се вратат назад. Откако исплашени се вратиле на местото каде претходно рибареле слушнале рафално пукање.
08.02.2013
Се изведуваат доказите. Се утврдува дека ДНК на обвинетиот Алил Демири кој е во бегство се поклупува со ДНК најдена во возилото „Опел омега“ кое полицијата го најде во непосредна близина на местото на убиството. Се презентираат и други докази помеѓу кои фотографии, запленети сим-картички, книги со верска содржина и друго. Еден од обвинетите, Агим Исмаиловиќ, се спротистави на овој доказ. Тврди дека е навреден бидејќи книгите на албански со верска содржина не преставувале никакво кривично дело.
13.02.2013
Вештаци од Институтот за судска медицинаги ги изнесуваат своите наоди во однос на начинот на кој се егзекутирани жртвите. Бранителот Насер Рауфи вели дека треба да се најде кој пукал, а не како пукал.
15.02.2013
Се презентираат форензичките наоди. ДНК на првообвинетиот Алил Демири која е најдена во возилото „Опел Омега“ е од траги од пот. Форензичарот објаснува дека ДНК е идентификувана поради тоа што во уште од 2009 година во базата на СВР Куманово имало биолошки материјал од усната празнина на Демири земена поради сомнение за сторени кривични дела.
Се презентира вештањето на земјата најдена на автомобилот. Форензичарот велидека добил околу 5 до 10 примероци земја од разни локации на местото на настанот, а изготвена е и анализа од примероците земја најдени на возилото. Имало само едно големо совпаѓање на земјата од калникот на тркалото со еден од примероците од местото на убиството.
05.03.2013
Судскиот совет носи одлука ова судење да биде затворено за јавноста поради изнесување на доказите прибавени со посебните истражни мерки, односно ќе се изведуваат транскриптите од телефонските разговори.
19.03.2013
Судењето продолжува затворено за јавноста. Се изведуваат доказите прибавени со посебни истражни мерки, овојпат аудио снимки од меѓусебните разговори на обвинетите, како и заштитениот сведок Е1.
10.04.2013
Сведочат браќата на обвинетиот Фејзи Незири, кои се и чичковци на обвинетиот Хаки Азири и вујковци на Алил Демири, а во сведоштвата го потврдуваат алибито на обвинетиот. Детално раскажуваат што правел Незири целиот ден. На прашање на судијата што правеле деновите претходно, сведоците не можат да се сетат. Одбраната најавува дека ќе бара од мобилните оператори преку базните страници да ја утврдат точната локација на обвинетите за време на убиството.
19.04.2013
Сведочи третиот брат на Фејзи Незири. Алибито се поклопува во однос на активностите на Незири, но не се поклопуваат саатниците на движењето во сведочењето на братот.
13.05.2013
Роднините на обвинетите ги потврдуваат алибијата, но дел од останатите сведоци ги поткопуваат. Сведокот Горан Алексовски за кого обвинетиот Фејзи Незири вели дека кобната ноќ му враќал долг од 1.600 евра, не можеше да се сети дали се сретнале таа вечер. По однос на долгот, изјавува дека мисли дека истиот му бил вратен десетина денови претходно, но не може со сигурност да го тврди истото. Сопругата на Незири го потврдува неговото алиби. Ќезмедин Демири, брат на првообвинетиот Алил Демири кој е во Косово и се чека на негова екстрадиција, во изјава за медиумите тврди дека на 25 Април брат му му се јавил и му рекол дека ќе оди во Белгија на печалба. Потоа, по посетата во екстрадициониот затвор во Косово, раскажува дека брат му рекол оти избегал бидејќи е невин и дека оттаму сакал да ја докажува неговата невиност. Одбраната бара како сведок да се повика
15.05.2013
Познаници и соработници на Сејди Рама сведочат дека критичната ноќ тој го поправал своето возило.
20.05.2013
Братучед на Хаки Азири и Алил Демири сведочи дека почнувајќи попладнето, па се до 4 часот ноќта со обвинетите играле шах, а потоа играта „Океј“. Јонче Ивановски и Драган Ивановски сведочат дека заедно со Фејзи Азири на 12 Април дента се сретнале на прием кај градоначалникот на општина Илинден каде што бил присутен и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски.
11.06.2013
Сведокот Диме Васков сведочи на предлог на одбранта. Васков, Осуденик за измама кој одлежува казна во Идризово сведочеше дека во 2009-та, кога бил уапсен, полицијата го однела во полициската станица токму со возилото „Опел омега“ со кое, според обвинението, убијците избегале од Смилковското зеро по петкратното убиство. Сведокот возилото го памети само по бојата, но не се сеќава на регистерските таблички. Судскиот совет го праша, дали му е познато дека има многу возила со иста боја, сведокот појасни дека му е познат тој факт, но остана на тврдењето дека се возел токму во тоа возило. Сведокот не може да се сети на регистраските таблички, а тврди дека возилото го видел на телевизија по што му јавил на адвокатот на одбраната Митко Соколов кој го застапувал и него.
13.06.2013
Обвинителството тврди дека муницијата пронајдена кај масакрот крај Смилковци соодејствува со автоматските пушки со кои е пукано на фармата на Белимбегово во 2009-тата година. За тој инцидент, обвинети се Фејзи Азири и уште три лица кои не се поврзани со овој предмет. Одбраната тврди дека автоматски пушки од тој инцидент се наоѓаат во депото на МВР, па оттука не е логично со тие пушки да е пукано кај Смилковци. Сепак, судскиот совет го прифати предлогот на обвинителството, да се изведе предметот за инцидентот од 2009-тата
24.09.2013
Семејствата на жртвите бараат да се објават имињата на сопствениците на црвениот Опел Омега и на џипот за кои обвинителството тврди дека се дел од злосторот, односно обвинетите со нив се превезувале кобната ноќ.
06.11.2013
Обвинителството го проширува обвинието. Седмообвинет е Сами Љута кој се товари дека бил логистика во случајот и дека чувал стража на местото на убиството, Како и тоа дека го набљудувал теренот кај езерото, гледал кој доаѓа, а кој си заминува, како и тоа од која националност е оние кои се движат во тој круг. Обвинетиот рече дека тој ден на 12 Април местел фасада на куќа, а дека вечерта играл Кантер страјк во интернет кафуле. Се произнесе за невин.
18.12.2013
Судењето е затворено за јавноста бидејќи се сослушува заштитениот сведок Е1. По неколку часа сослушување и одбраната и обвинителството велат дека се задоволни од исказот на заштитениот сведок.
17.01.2014
Сведоците на обвинителството од ноќта на настанот кои велеа дека биле пресретнати од вооружен маж и дека ги слушнале истрелите од убиството на момчињата, овојпат сведочат дека не го виделе обвинетиот Сами Љута на местото на настанот.
06.02.2014
Сведочат вештаци. Се уште не е познат сопственикот на возилото. Она што се знае е дека истото е егистрирано во 2005 година. Вештакот посочи дека и идентификациониот број и идентификационата картичка на „Опел омегата“ се оригинални ставени од производителот во 1994 година. Но, тој не даде прецизен одговор кој е последен сопственик на ова возило, туку посочи дека возилото не е регистрирано во Македонија, а преку Интерпол може да се пронајде движењето на сопственичката структура на возилото.
07.02.2014
Обвинителството изведува писмени докази, односно фотографии пронајдени во домовите и компјутерите на обвинетите, кои според обвинителството, треба да ја доловат личноста на обвинетите. Фотографии содржат симболи на Џихад или Светата војна, заеднички фотографии на обвинетите во домашен амбиент и во природа, фотографии на кои обвинетите позираат со калашникови, симболи на УЧК, по што едниот од обвинитетите Фејзи Азири и потврди дека бил дел од војската на УЧК во 2001.
17.02.2014
Продолжува презентацијата на докази, овојпат видео материјали собрани од компјутерите на обвинитетите. Обвинителството во судницата ги пушта снимките прибавени од обвинитетите со радикална исламистичка содржина. Во компјутерот на обвинетиот Хаки Азири, се наоѓале видео записи со вооружени исламисти кои повикуваат на Џихад, улични престрелки, се величаат терористи и се слуша женски лелек на жени муслимани од Сребреница, Чеченија, Палестина и Кашмир, за загинати муслимански мажи. Во позадина на снимките се слушаат песни на арапски јазик за кои судијата Ивица Стефановски појасни дека служат за подигнување на моралот на муџахедините. Едно е од видеата беше насловено „Ал Каеда ги обучува муџахедините“. На дел од снимките беа претставени и припадници на американската војска и поранешниот претседател на САД, Џорџ Буш споредувајќи ги со Крстоносните војни. На сите снимки се истакнуваше дека Алах е голем и дека тие се избрани од него за да се борат.Одбраната рече дека снимките не се никаков доказ дека обвинитетите го извршиле кривичното дело.
30.04.2013
Сведочат претходниот и актуелниот сопственик на мерцедесот чии таблички се најдени на возилото Опел Омега. Вториот сопственик не може да се сети кога му се украдени табличките од возилото. Сопственикот на Опел Омега останува непознат. Роднините на обвинетите пред Судот реагираат дека овој процес е политички пазар.
„Приведени се како радикални исламисти, но не ги докажаа тие аргументи. Денеска е во мода некого да наречеш терорист, радикалист, исламист и со тоа моаже се да се покрие. Јас не знам дали сме дел од некаков политички пазар, но знам дека луѓето се невини“, изјави Бедри Ајдири брат на обвинетиот Фејзи Азири.
30.05.2014
Завршни зборови на обвинителството. Обвинителката Гордана Гешковска побара најстрога казна за обвинетите. Таа рече дека сите докази упатувале на нивната вина. Се осврна на пронајдената ДНК на еден од обвинетите во возилото Опел Омега, на сателитските снимки и картографијата од Смиљковското езеро и обиколницата пронајдени во компјутерите на двајца од обвинитите, форензичкиот наод дека една од чаурите најдена кај телата на убиените која соодвествува со автоматското оружје на Фејзи Незири од претходниот инцидент од 2009 документиран од полицијата, на огласот за продажба на возилото најден во компјутер на еден од осомничените, како и на трагите од земја од реонот на убиството на калниците на возилото. Гешковска рече дека сите докази упатувале на тоа дека ова дело е тероризам, а како поддршка на ова тврдење ги посочи снимите и фотографиите со радикална исламистичка содржина пронајдени во компјутерите на обвинетите.
„Многумина ме прашуваа за мотивот за извршеното кривично дело. Ова се однесува на сите кои ме прашуваа: не е случајно избран денот – 12.04.2012 – на најголемиот христијански празник – Велики четврток, убиени се млади машки лица од македонска националност. Ако била намерата друга ќе биле убиени и други лица. Пораката е: пукаме на Велики четврток за да ви биде крвав Велигден, за да ви ја уништиме верата! Пукаме во млади машки лица за да ви ја уништиме нацијата! Пукаме во иднината на државата! Зарем ова не говори доволно за мотивот за извршувањето на кривичното дело и за намерата да се предизвика чувство на страв и несигурност кај граѓаните?! “, рече Гешковска.
05.06.2014
Завршни зборови на одбраната. Обвинитетите се изјаснуваат за невини, а за обвиниението велат дека е базирано на препоставки без утврден мотив, контрадикторен загрозен сведок и сомнителни вешти наоди. Одбраната тврди дека доказите за оружјето се апсурдни бидејќи истото не е најдено и не е земена парафинска ракавица. Забелешки има и за изјавите на заштитението сведок, кои според адвокатите, се конфузни и нелогични. Одбранта изрази сомнеж и во доказите прибрани од полицијата во однос на возилото и ДНК материјалот жалејќи се дека не им бил овозможен увид во возилото и дека истото го виделе само на фотографии.
„Крајно нејасно е вештачењето на ДНК профилот од обвинетиот Демири Алил од причина што билошките траги издвоени од тврдите површини од внатрешноста на возилото „Опел омега“ не потекнуваат од првообвинетиот туку од него потекнуваат биолошките траги издвоени од наслонот на задното седиште што е всушност единствениот дел од внатрешноста на возилото кои се монтира односно демонтира а пак немавме можност како одбрана да провериме дали наслонот на седиштето имал или, пак, немал навлака“..
„Како знае Јавното обвинителство кој какво оружје поседувал и употребил при состојба во која ниту оружјето е пронајдено, ниту истото е вештачено, ниту е земена парафинска ракавица… па повеќе од очигледно е дека станува збор за една гола претпоставка“ , нагласи Рауфи.
30.06.2014
Читање на пресудата. Доживотна казна затвор за тероризам за Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута и ослободителна пресуда за петтоoбвинетиот Сејди Рами