Делегациите на Србија и на Косово денеска во Вашингтон постигнаа договор за економска нормализација. Трамп оцени дека тоа е голем чекор и најави дека Србија ќе работи на тоа да ја премести својата амбасадата во Израел, во Ерусалим, а Косово и Израел се договориле да воспостават дипломатски односи.
Своите потписи на договорот ги ставија српскиот претседател Александар Вучиќ , косовскиот премиер Авдула Хоти и американскиот лидер, Доналд Трамп.
Потпишувањето се случи со ненајавено одложување и откако косовската делегација не заминала навреме кон Белата Куќа, a причина за тоа е несогласувањето со делови од договорот кое го истакнал поранешниот премиер и лидер на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај.
Станува збор за езерото Газиводе, кое е дел од документот, а според Харадинај, Србија на овој начин добива пристап до косовските ресурси.
Сепак претседателот на Косово, Хашим Тачи, на својот твитер профил го поздрави потпишувањето на договорот, додавајќи дека најмладата република на Балканот ќе продолжи да работи за економскиот развој, отворање работни места и дополнителна внатрешна и меѓународна консолидација.