Прогресивната социјалдемократска политика во Македонија ќе има иднина само ако излезе од комфорните партиски и непартиски кругови. Може да очекува иднина само ако различностите не ги третира како додаток, туку како темел.
Фатмир Битиќи
Социјалдемократијата е универзална вредносно-политичка идеја која ја исклучува можноста да биде ексклузивна сопственост на една партиска структура или еден неформален круг. Не може да биде приватизирана, мобилизирана или присвоена како политички бренд.
Социјалдемократијата живее во работниците што бараат достоинствен труд, во младите што бараат шанса без партиска книшка, во жените што бараат еднаква моќ и еднаква слобода, во граѓанските организации што ја бранат јавната совест, во различните заедници што бараат видливост, во сите луѓе што бараат држава што ќе ги признава како рамноправни.
Ако во политичките концепти недостигаат оние што не личат на нас, тогаш иднината што ја замислуваме е потесна од државата што треба да ја градиме.
Моментот на потреба од преиспитување не треба да биде насочен само кон другите, тој треба да почне и од сопствениот двор. Партиите што историски ја носеле социјалдемократската идеја имаат уште поголема обврска да покажат дека социјалдемократијата е секојдневна одговорност. Минатите заслуги се важни, но не можат да бидат замена за отвореност, самокритика и вистинска промена. Не може да се повикуваме на прогресивност, ако во сопствените политички простори не создаваме доволно место за различна мисла, различно искуство и различни луѓе.
Прогресивната социјалдемократска политика во Македонија ќе има иднина само ако излезе од комфорните партиски и непартиски кругови. Може да очекува иднина само ако различностите не ги третира како додаток, туку како темел.
Почитта кон сите не е ограничена само на оние што личат на нас.
Лесно е да се зборува за промена пред оние што однапред се согласуваат, многу потешко е да се изгради политичка визија што ќе ја издржи средбата со различното искуство, различниот јазик, различната болка и различната надеж. Прогресивната политика не може да започне кога ќе се соберат познати лица и гласови околу иста маса, туку кога таа маса ќе стане доволно широка за да не мора никој да се откажува од дел од себе за да биде прифатен.
Симболиката на часовникот е важна само ако зад неа стои вредносна точност. Стрелките можат да покажуваат дека е поминат еден час, но политичкото време ќе остане задоцнето ако новата надеж се гради со старо чувство за припадност која исклучува.
Вистинскиот час за социјалдемократијата не може да го означи една метафора за будење. Ќе го означи моментот кога политичката идеја повторно ќе стане простор во кој еднакво се слушаат и центарот и маргината, и мнозинството и малцинството, и организираните и невидливите.
Од Фејсбук зидот на авторот




