Од еден часот попладнево па се до вечерните часови, граѓаните не престануваат да го полнат кафе барот „Излет“ каде што денеска се одржува солидарна забава на која што ситте можат да дојдат и да донираат пари кои ќе се употребат за правна помош на приведените и осомничените демонстранти на „Шарената револуција“ од цела Македонија.
Граѓани, активисти, познати јавни личности од политичкиот и забавниот живот во текот на денот доаѓаат и донираат на забавата која се одржува под мотото „еден за сите и сите за еден“. Интересот беше огромен преку целиот ден, а во ноќта во Излет се случува солидарна и урбана забава.
Само во Скопје се поднесени кривични пријави против седум од најактивните граѓани – т.н “Шарени командоси“.
Се поднесуваат прекршочни пријави против десетици други граѓани, а некои се и во домашен притвор.
Помеѓу лицата кои секојдневно можеа да се забележат на улиците во Скопје, во Излет беше присутно и највисокото раководство на најголемата опозициска партија СДСМ.
Акцијата во Излет ќе трае до 1 часот по полноќ, за, како што велат споделување на финансискиот товар со кој, како што велат од Шарената револуција, режимот сака да ги потисне.