Двегодишно девојче и нејзината мајка, кои пристигнале од Нигерија, се хоспитализирани во Комсомолск на Амур како дел од заштитните мерки против навлегувањето на вирусот Ебола на руска територија, пренесоа агенциите.
Девојчето кое се разболело од акутна респираторна инфекција, е во изолирана соба во локалната детска инфективна болница. На малата пациентка и нејзината мајка им се направени сите потребни анализи за вакви слични случаи, вклучувајќи ги и анализите за вирусот Ебола.
Резултатите од истражувањата ќе бидат познати подоцна денеска.
Девојчето и мајката дошле во Русија по посетата на роднини во Нигерија.
Годинава во Русија е воспоставен посебен режим за заштита од Ебола, според кој се набљудуваат сите пристигнале од областите изложени на епидемијата.
Инаку, симптомите на ебола се појавуваат 2-21 ден заразеност од вирусот, а кај мнозинството пациенти се развиваат во рок од една недела. Најчесто се појавува неочекувана треска, болки во мускулите, омалаксаност, главоболка и суво грло. Како што се развива вирусот се појавува и повраќање, дијареа, откажување на црниот дроб и бубрезите. Некои од заразените имаат и внатрешно крварење како и откажување на функционирањето на повеќе органи.
Се пренесува преку директен контакт со крв или други телесни течности како што се плунка, урина, секрети, измет, мајчино млеко. Исто така може да се пренесе и преку незаштитен полов однос. Луѓето можат да се заразат и од телесните течности на мртви или живи животни како што се мајмуните или лилјаците. Еболата не се пренесува преку воздух и засега нема доказ дека вирусот можат да го пренесат комарци.