Зоран Кардула е македонски графички дизајнер и сликар. Досега учествувал на различни конкурси, меѓу кои за дизајн на накит за „Swarovski“ и „INYO“, каде бил и финалист. Во ноември во 2017 година имал изложба на постери на тема „Soviet Neo-Constructivist Propaganda“ во Минеаполис, САД. Во јануари во 2018 година во Рим ја претставил „Изложба без жири“, поставка на 40 негови дела кои биле редизајн на симболите кои ја одбележале социјалистичката ера на поранешна Југославија. Изложбата била дел од настанот насловен Мондо екс, омаж на големиот eвропски интелектуалец, Предраг Матвејевиќ, по повод една година од неговата смрт.

Во 2017 година издал и книга, „Гуш и Бац”, која била создадена од зборовите на неговата аутистична ќерка Ерато. Книгата содржи 47 измислени збора на Ерато, преведени на 19 јазици, како и 47 илустрации на нејзините зборови создадени од 33 креативци. За неговата инспирација од која произлезе еден исклучиво оригинален концепт, разговаравме со Зоран Кардула, чии дела го привлекоа вниманието на светската јавност.

Нова ТВ: Се обидувате да направите спој на две естетики кои се одраз на извесни идеологии. Која е пораката на овој спој на социјал реализамот и западната потрошувачка култура?

„Спој кој реално би бил невоможен, две естетики кои веќе над 90 години се актуелни. Советскиот пропаганден плакат многу години го проучувам, начинот на илустрација, комбинацијата на колоритот пораката која ја испракаат и тоа за мене е еден стил кој го обожувам. Од друга страна растен сум со стриповите и суперхерои кои пак се одраз на таа поп култура во Америка, но секако присутни беа и во земјата во која пораснав. Бев љубопитен да видам дали може да се направи таков спој и како би изгледале тие суперхерои ако беа продукт на Советскиот сојуз и како би се искористиле во тој пропаганден плакат. Внимавав самиот цртеж на суперхероите да биде близок со времето кога е настанат советскиот плакат и, секако, сакав да го запазам неговиот колорит. Така излезе дека капетан Америка го чита Ленин, Ленин е Iron Man со правда во рака и се бори за мир во светот. Како ги објавив мислам дека во истиот моментот многу познати популарни сајтови од цел свет ги постираа и објавија и реакциите беа одлични.

НОВА ТВ: Како го толкувате социјалреализмот од една ваква временска дистанца?

„За соцреализмот ке зборувам од аспект на уметноста. Тој знаеме дека се појави во СССР и покасно логично најде плодна почва и во другите социјалистички земји како и кај нас во Југославија. Знаеме дека соцреализмот може да се каже дека ги згасна сие тие слободни уметнички движења во СССР и стана алатка на партијата да ја диктира уметноста. Со соц реализмот, улогата на мажот и жената се израмнија, тие се рамноправни, храбри, се справуваат со проблемите се борат и сето тоа мислам дека имаше потреба да се појави кога веќе во светот се повеќе и повеќе се збореше за диктатура на пролетериајтот. Но, постепено како стануваше алатка на партијата, за жал ја губеше критиката како алатка. Јас настојувам преку моите графики кои можеби се во тој стил но таа естетика ја користам за критика и борба против се она со што не се согласувам.

НОВА ТВ: Од каде започнавте со оваа ваша естетска авантура која привлече светско внимание?

„Скоро 35 години ја проучувам целата таа естетика на руската авангарда, на советскиот конструктивизам и почнав да си експериментирам со илустрации во тој стил. Така настанаа црвениот робот направен според еден руски цртеж и, секако, направен во футуристички ретро стил, некои мои редизајни на стари руски пропагандни плакати и така започна. Сето тоа на луѓето пред 15 години им беше некоја нова егзотика, нешто за што со години наназад не се зборуваше, особено по распадот на Советскиот сојуз и распадот на Југославија кога се што доаѓаше од таму беше третирано како лошо и недоволно добро и не беше во стилот на Америка и таа западна култура. Реакциите беа одличнии, баш ме радува дека барем малку успеав да ги запознам луѓето со тој стил, естетика и целата убавина која ја носи таа графика.

НОВА ТВ: Вашата уметност црпи и инспирација од дизајнот и естетиката актуелни во поранешна Југославија. Што е тоа што ве навраќа во тоа југословенско време?

Југословенскиот дизајн е можеби нешто во што најмногу се имам посветено. Досега имам редизајнирано во форма на постер околу 400 разни (постери, марки, обвивки на грамофонски плочи, кибритчиња, огласи, логоа и брендови). Секако, бев и сè уште сум воодушевен од тој дизајн. Во дизајнот се осеќа влијанието на советскиот социјалистички дизајн, но, секако, и влијанието на запад. Тој дизајн за разлика од дизајнот на другите социјалистички земји беше поколоритен, повесел и беспрекорен. Кога почнав да ги работам редизајните секогаш потенцирав дека сакам да им оддадам почит на сите тие дизајнери и уметници кои во целиот тој колективизам останаа анонимни. На голем дел на овие дизајни не им се знае авторот и поради тоа на ниеден редизајн немам ставено кој е автор ниту на делата за кои знаев кој ги има дизајнирано со цел да бидат сите на исто ниво, односно да се слави нивната работа преку моите редизајни. А, од друга страна сакав и на младите генерации да им отворам нов свет односно да се запознаат со дизајните од времето на нивните родители и да знаат дека тие биле растени со одличен дизајн. Покрај редизајните, исто така, тука се и спомениците од НОБ за кои сметам дека се на рамниште на ремек дела, безвременски и гледам дека последниве години и светот им се поклонува на ниваната естетика. Тоа се ремек дела на нашата архтектура која за жал по сето ова што ни се случи со „Скопје 2014“ е надреално што имавме, а што имаме сега.

НОВА: Далои ова навраќање кон хероите од минатото и таа естетика се бегство од актуелната реалност или реплика на истата?

„„Хероините на Југославија“ е едно обемно дело со кое сум многу среќен дека успеав да го направам. Прво од фактот дека повторно фашизмот наоѓа плодна почва на овие простори, второ дека овие хероини се повеќе и повеќе паѓаа во заборав и младата популација не ја знае нивната борба и пожртвуваност, голем дел од нив и животот го дадоа за оваа слобода и трето сакав на овој начин да им искажам огромна почит. Од маркетиншка страна за да им ги доближам овие портрети до помладата публика ги направив во еден модерен поп арт стил (во стил на Andy Warhol) и мислам дека успеав. Исто така и да искажам и огромно задоволство дека седум жени, народни херои од Македонија од пред некој месец, го красат холот на Министерството за одбрана. Пред некој ден имав интервју за дневен весник од Трст каде имаа приказна за последната жива хероина која пред две недели го прослави 100-от роденден и за целиот мој проект. Со вакви и слични проекти се обидувам да се борам против целиот тој национализам, фашизам и дискриминацијата по било кој основ. Се надевам дека успевам во тоа