Советот на Европа остро ја критикуваше Унгарија поради нејзината неспособност да ги детектира потенцијалните жртви на шверц на мигранти и баратели на азил.
Извештајот на експертите на Советот на Европа (ГРЕТА) е направен посетата на експерти на две локации на границата со Србија – Рошке и Томпа. Барателите на азил на овие места чекаат одлука за нивното барање за азил и имаат забрана за влез на унгарска територија.
Европската комисија, Високиот комесар на Обединетите Нации и бројни здруженија ја критикуваат оваа унгарска мерка влезена на сила во 2017 година, мерка која всушност ги затвора мигрантите и барателите на азил. Будимпешта се брани тврдејќи дека овие луѓе можат да го напуштат кампот доколку се вратат во Србија, земјата од која влегле во Унгарија.
“Под надзор на вооружени војници, барателите на азил во транзитната зона се лишени од слобода, затворени во мал простор ограден со бодликава жица”, вели извештајот на Советот на Европа и додава дека овие кампови не можат да се сметаат за соодветни и безбедни за жртвите на шверцот со луѓе.
Според ГРЕТА, вработените во овие транзитни зони “не знаат да објаснат кои се процедурите што барателите на азил треба да ги следат ниту пак да кажат која институција е надлежна” за овие луѓе. Помеѓу нив има многу малолетници.
Извештајот цитира 79 случаи на колективно протерување кон Србија во период од само две седмици.
Будимпешта оцени дека овие обвинувања “се неосновани”.
Во 2017 година во Унгарија беа поднесени 3.397 барања за азил а 1.216 лица добија статус на бегалци.

