Службата за општи и заеднички работи на Владата( СОЗР) најостро ги демантира и отфрла како дезинформација објавените информации во дел од медиумите за наводното прикривање на вработени лица во Службата како новинари при посетата во Софија, Република Бугарија заради одржувањето на заедничката седница на двете влади.
„Шесте вработени лица во СОЗР при посетата во Бугарија присуствуваа заради извршување на работни задачи – организација и поддршка на активностите на нашата делегација, во која беа и медиумски претставници, на заедничката седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија“, се вели во демантот од Владата.
СОЗР информира дека согласно заклучокот од 4-та седница на Владата одржана на 20.01.2022 година, Службата е задолжена да ги преземе сите потребни активности и координација во врска со сместувањето и превозот на новинарите кои присуствува и известува на заедничката седница одржана на 25 јануари 2022 година, а со вакво задолжение Службата е задолжена врз основа на Одлуката за нејзиното основање, каде се регулирани и уредени нејзините надлежности.
Оттука, велат од Владата, дезинформација е дека шесте вработени лица во Службата на посетата во Бугарија биле прикажани како новинари.
Тие присуствувале заради извршување на работни задачи согласно наведениот заклучок на Владата, и за нив не е направен дополнителен трошок, информира СОЗР.