Во дворот на Владата со нова десетмилионска барокна фасада неодамна беа исечени неколку дрвја за да се направи место за оградата од 700.000 евра. Стотина метри од новата македонска Бела куќа, веднаш до стоковната куќа „Мост“ финишира изградбата на плоштадот Скендербег со надземен пешачки премин вреден близу 10 милиони евра. На раскрсницата кај популарната „Бихаќка“, пак, се познаваат контурите на новото неокласично здание во кое Владата инвестира седум милиони евра и каде ќе смести три државни институции.
Сите овие градби се дело на скопската компанија „Бауер БГ“ чија што механизација сѐ почесто ја гледаме по скопските улици. Еден поглед врз сајтот за јавни набавки, каде се објавуваат сумите на државните тендери, ќе ви открие дека во периодот од 2012 година па сѐ до денес, оваа веќе позната градежна компанија добила зделки чија вкупна вредност надминува 40 милиони евра.
Од нив, 27 милиони евра се резултат на само три тендери кои влегоа во листата на 100-те најголеми тендери од 2010 до 2014 година која ја изработи Центарот за граѓански комуникации. Тие ги истражија стоте најголеми договори за овие пет години, кои сочинуваат дури 22 проценти од вкупната потрошена сума за јавни набавки за овој период.
Иако фирмата има речиси идентично име како бугарска градежна компанија, која е дел од германскиот градежен гигант „Бауер АГ“, сепак станува збор за домашни градежници. Како нејзини сопственици се јавуваат 45-годишниот Благој Димитров и две години помладиот Горан Димитров, првиот со адреса во Злетово, а другиот во скопски Карпош.
Тие нa својот сајт велат дека „Бауер БГ“ ја формирале откако со сопствен капитал ја издвоиле фирмата од поранешната градежна оператива на скопската „Рудници и Железарница“. Главни дејности на фирмата се изградбата на станбени згради, внатрешно уредување, како и реконструкција и изградба на улици.
Од 2012 Димитрови се сопственици и на компанијата „Лабин плус“, која е концесионер на минерална суровина калцит-меремр на локалитетот Илино брдо кај Сопиште.
Подем со брзина на кариерата на Коце Трајановски
„Бауер БГ“ е формирана последниот месец од 2005 година, а за прв пат, барем според Бирото за јавни набавки, тендер од државна институција добила во 2008 од Општина Гази Баба, кога со локалната самоуправа раководел денешниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски.
Градежната оператива на Димитрови за нешто повеќе од 80.000 евра требала да санира и да реконструира објекти на територија на Гази Баба.
Нема податоци дека „Бауер БГ“ соработувала со Град Скопје додека на негово чело беше бизнисменот Трифун Костоvски, ама затоа соработката на оваа фирма со администрацијата на Трајановски продолжува и се надградува во двата негови мандата како прв човек на Скопје.
Проширување и обновување асфалт на улици, кружни текови, пешачки мост, плоштад, канализации, нови фасади во центарот на метрополата (кај ресторанот „Пелистер“) и позлатената ограда на мостот „Гоце Делче“се само дел од градежните потфати кои Коце Трајановски им ги довери на браќата Димитрови, откако градот ги избра како најдобри понудувачи.
Иако на тендерите се најевтини, во неколку наврати „Бауер БГ“ добила дополнителни пари од Градот Скопје за да ја заврши започнатата работа и на крајот од најевтин тендерџија испаѓала најскап изведувач.
Градот Скопје со „Бауер БГ“ во мај 2011 година склучил договор за реконструкција на дел од „Митрополит Теодосиј Гологанов“, улицата која минува крај Католичката црква во центарот на Скопје. На овој тендер победила „Бауер ГГ“ со понуда од милион и 357.000 евра, наспорти единствените конкуренти коишто предложиле цена од милион и 373.000, што значи дека „Бауер БГ“ биле поевтини за некаде околу 16.000 евра.
Осум месеци подоцна, градот преку анекс на договорот ѝ исплатил уште 187.000 евра на оваа компанија за улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“, бидејќи и покрај другите непредвидени работи морало да се заменат канализациските цевки и да се менува трасата на водоводната мрежа.
При крајот на 2011 година, градот на тендер ја избрал „Бауер БГ” за да реконструира дел од улицата „Самоилова“ која поминува покрај Француските гробишта, сѐ до американската амбасада на Кале. Единствен критериум на тендерот била најниската цена и затоа „Бауер БГ” со понуда од 500.000 евра ја победил конкурентската понуда од 507.000.
Арно ама, откако овие градежници почнале да ја подновуваат улицата, забележале дека треба да вградат крупнозрнест чакал, зашто претходниот материјал немал задоволителна носивост. Башка, имало и дополнителни оштетувања на улицата бидејќи се поправала канализацијата.
Токму поради тоа, 2011 градот и „Бауер БГ” склучиле анекс-договор, со кој градежната компанија добива уште 66.000 евра за да ја финишира реконструкцијата. Подоцна пак, имало потреба за нова доработка за која градот одвоил уште 35.000 евра. Ако се собере основниот договор со анексите, излегува оти на крајот понудата на „Бауер БГ” излегла поскапа.
Во 2010 година Градот Скопје соработувал со „Бауер БГ” на реконструкција на дел од улица близу Камник. Повторно, од сите три понуди на тендерот најевтината ја имала оваа компанија, која понудила 298.000 евра, додека најскапата од сите понуди изнесувала 353.000.
Овојпат се увидело дека материјалот на природната постелка на улицата не го задоволувал важечкиот стандард и морало да се дополни материјал. За оваа операција администрацијата на Коце Трајановски на фирмата преку анекс-договор ѝ платила уште нешто над 84.000 евра со што повторно, по третпат „Бауер БГ”, иако победува како најповолен понудувач, на крајот излегува најскап градежник.
Успешни, ама таинствени
Со оглед дека јавноста ја интересира како „Бауер БГ“ од релативно мала и непозната градежна компанија формирана при крајот на 2005 година, стана градежен гигант на кој државава му доверува капитални објекти, побаравме средба со првите луѓе на компанијата да ни ја раскажат тајната на успехот.
Во нашата потрага по одговори успеавме да стигнеме само до луѓето кои одговараат на телефонските повици во оваа компанија и една од овие службенички нѐ поучи нашите прашања и дилеми да ги испратиме по имејл.
Се интересиравме кои се поголемите проекти коишто „Бауер БГ“ ги изработила, а се финансирани од приватни инвеститори, бидејќи општиот впечаток е дека растот на компанијата исклучиво се должи на нејзината соработка со државните и со локалните институции. На нивната веб страница, исто така, во портфолиото на проекти можете да најдете исклучиво проекти кои се правени со пари од државни тендери.
Прашавме и за редовната соработка со Град Скопје и со администрацијата на Коце Трајановски уште од времето кога градскиот татко ја водеше Гази Баба. Сакавме да знаеме дали има некоја посебна причина зошто „Бауер БГ“ е посебно успешна во соработката со Трајановски.
Како и во неколку претходни случаи обидите да се контактираат со овие градежници останаа неуспешни. Ниту се сретнавме со сопствениците Димитрови, ниту пак некој ни одговори на прашањата пратени по електронска пошта.
Анонимци донираа споменици, „Бауер БГ“ ги качи на постаменти
„Бауер БГ“ ги изработуваше постаментите на спомениците коишто минатата година буквално беа прошверцувани преку Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушодари од Лерин.
Градот Скопје ја префли топката кај здружението, тоа молчеше од каде му се парите за споменици, а згора на сѐ и „Бауер БГ“ не се одважи да објасни кој ја ангажирал фирмата за постаментите и за колку пари.