Службени 3-0 за српската фудбалска репрезентација, но одземање на бодовите е одлуката на УЕФА по натпреварот во Белград помеѓу Србија и Албанија.
УЕФА одлучи мечот да биде регистриран со службени 3-0 за селекцијата на Србија, но српската репрезентација да биде казнета со одземање на три бода поради лоша организација на натпреварот и влегувањето на навивачи на терен.
Националниот сојуз на Србија ќе биде казнет и со парична казна од 100.000 евра, а исто толку добива и Фудбалскиот сојуз на Албанија поради провокација со транспаренти со политичка содржина.
Од Фудбалскиот сојуз на Србија наведуваат дека околу 13 часот ќе се произнесат со свој став околу одлуките на УЕФА.
Натпреварот Србија-Албанија на 14 октомври, беше прекинат по 42 минути игра, бидејќи над стадионот леташе беспилотно летало со знаме кое симболизираше „Голема Албанија“.