Србија ќе започне преговори за членство со ЕУ во јануари 2014 година. Пред влезот во унијата Србија треба со Косово да постигне правно обврзувачки договор за целокупна нормализација на односите.
Иако сношти официјално беше усвоен заклучокот за напредокот на Србија во 2013 година не беше спомнат и конкретниот датум за одржување на првата Меѓународна конференција ЕУ-Србија, комесарот за проширување на Унијата Штефан Филе потврди дека таа би требало да биде на европската агенда на 21 јануар.
Во Советот на Европската унија велат дека тоа е датумот за кога е планиран Советот на европските министри за надворешни и општи работи, кои на тој начин би учествувале и на првата заедничка конференција со Србија.
Во годишните заклучоци, Советот на министри нагласува дека „внимателно се следи“ залагањето на Србија во процесот на нормализација на односите со Косово.
Белград е повикан „посебно внимание да обрати“ на владеењето на правото во земјата, што подразбира реформи во правосудството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, независност на клучните институции, како и на слободата на медиумите, заштита на правата на малцинствата и соработката во регионот.