Премиерот на Србија Александар Вучиќ оцени денеска дека ситуацијата со поплавите бара да се „биде максимално внимателни во следните два дена“ и оти најголема опасност сега е реката Сава, јави Танјуг.
– Крајот не е ниту близу, но денеска имаме повеќе надеж отколку вчера, изјави премиерот на седница на републичкиот штаб за вонредни ситуации. Наведе дека до среда ќе мине еден бран од поплавата и оти треба да се „одбраниме и да го искористиме времето за подобро да се подготвиме и заштитиме“.
Со констатација дека толкава количина врнежи се случува еднаш во илјада години, премиерот посебно им заблагодари на граѓаните кои во изминатите денови помагаа за одбрана од поплави на Шабац и Сремска Митровица.
Тој наведе дека европската комесарка за вонредни ситуации во телефонски разговор му рекла оти во ЕУ се воодушевени од мобилизацијата на граѓаните на Србија.
На седницата беше речено дека нивото на Сава кај Шабац е 660 сантиметри што е за еден метар повисоко од историскиот максимум и оти ефикасно може да се брани до 680 сантиметри, но тешко дека нешто ќе може да се направи над тоа ниво.
Заменикот началник на Секторот за вонредни ситуации Ѓорѓе Бабиќ изјави денеска дека во Србија ситуацијата е под контрола, но во попладневните часови се очекува максимумот на поплавниот бран да се премести кон Белград и Обреновац.
– Се уште немаме анализи како тоа ќе изгледа, изјави Бабиќ за Танјуг. Според него, ТЕ Никола Тесла во Обреновац засега не е загрозена, додека ТЕ во Костолац каде се прават високи насипи е безбедна. Во Белград во тек се засилување насипи на Сава.
– Во Сремска Митровица и Шабац состојбата е стабилна колку што може да се каже, и постојано таму има тимови во дежурства, додаде тој.

