Студентите упатија повик до сите граѓани на Србија да се приклучат на 1-ви ноември во Нови Сад, каде ќе се одржи голем комеморативен собир по повод годишнината од несреќата на железничката станица.
Студенти од различни делови на Србија пристигнуваат во Нови Сад завршувајќи го својот симболичен марш во чест на жртвите од трагедијата на железничката станица.
Најупорните меѓу нив пешачеле 16 дена, по еден ден за секоја од 16-те жртви, тргнувајќи од Нови Пазар за да учествуваат на одбележувањето на годишнината од падот на надстрешницата.
Нивните колеги од повеќе од 20 градови низ Србија им се придружија во изминатите денови, создавајќи бран на солидарност и поддршка кој ја крена целата земја на нозе.
Во секое место низ кое минуваа, студентите беа пречекувани со аплауз, оган и ватромет – како симбол на благодарност и почит. Сега, Нови Сад се подготвува за големиот, финален дочек кој ќе се одржи вечер пред комеморативниот собир закажан за сабота.
Студентите вчера во Белград одржаа акција „17 минути тишина“ пред Високата здравствена школа во Земун – во спомен на 16-те жртви од несреќата и нивниот колега од школата кој го загуби животот во 2021 година.
Од таму, колоната се упати преку Батајница, Стара и Нова Пазова и Инѓија, каде што ноќеваа пред последната етапа до Нови Сад. Денеска, тие ја завршуваат својата долга и тешка шетња – патување што не е само физички подвиг, туку и потсетник на одговорноста, солидарноста и потребата трагедиите никогаш да не се заборават.
Студентите упатија повик до сите граѓани на Србија да се приклучат на 1-ви ноември во Нови Сад, каде ќе се одржи голем комеморативен собир по повод годишнината од несреќата на железничката станица, во која загинаа 16 лица, а едно беше тешко повредено.
Настанот, освен што претставува чин на сеќавање, е и порака дека младите не се рамнодушни – дека бараат правда, одговорност и безбедност за секој граѓанин.

