Србин на 60-годишна возраст со истрели од огнено оружје утрово уби 13 луѓе во местото Велика Иванча, кое се наоѓа меѓу градовите Младеновац и Топола во Србија. Во тек е полициската истрага.
Како што јавува Дојче Веле, 60-годишниот Љубиша Б. пукал врз луѓето во негово соседството од огнено оружје, за кое веројатно имал дозвола, и убил шест мажи, шест жени и едно новороденче.
Напаѓачот потоа стрелал и во неговата сопруга во обид да ја убие и на крајот стрелал и врз себе. Според болнички извори, убиецот и неговата сопруга се здобиле со прострелни рани и се наоѓаат во критична здравствена состојба.
На местото на трагедијата веќе се наоѓаат претставници на полицијата. Мотивите на убиствата не се познати.