„Ја сакам оваа земја и затоа сум тука. Дојдов со голема делегација. Претстојат многу работи што треба да почнат. Работите созреваат и можам да кажам дека тука сум со големи планови и амбиции, но за се е потребно време“, изјави по пристигнувањето на аеродромот во Охрид, индискиот милијардер Субрата Рој.
Според најавите во текот на утрешниот ден делегацијата од Индија предводена од Рој ќе го посети локалитетот во Љубаниште, каде е планирано градење на туристичкиот комплекс, а задутре ќе има средба со вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Рој во македонските медиуми деновиве беше топ-тема заради градежната парцела со површина од 621 метри квадратни спроти споменикот „Воин на коњ“ која бесплатно ќе ја добие индискиот бизнисмен.
Инаку Индија покрена истрага за фантомските инвеститори во компанијата на Субрата Рој, Сахара.
Врховниот суд побара од двете Сахара фирми – Сахара Индија Недвижнини (SIRECL) и Сахара инвестиции за вдомување (SHICL) – поврат преку СЕБИ на повеќе од 5 милијарди американски долари со камата. Од Сахара е побарано детално снабдување на информации за инвеститорите, за можност за рефундација откако ќе се потврдат ингеренциите.
Според СЕБИ, „Сахара Груп“ должи 4,38 милијарди долари, а овие пари што сега им се враќаат на инвеститорите се од уплата извршена од страна на групацијата во износ од 934 милиони долари. „Сахара“ тврди дека износ од 3,65 милијарди долари има вратено на две компании што купиле нејзини обврзници директно, но ова треба допрва да се утврди од независни извори.
Во меѓувреме, Субрата Рој Сахара стана почесен доктор на економски науки на University of East London.