Група поддржувачи на отпорот се судри со штипската полиција попладнево, откако членови и симпатизери на СДСМ беа повикани на информативен разговор во полициската станица поради инциденти на собирот на опозициските поддржувачи од утринава.
Се започнало утринава кога поддржувачите на отпорот се собрале пред зградата на Фондот за здравствено и пензиско осигурување во Штип. Според тврдењата на полицијата, тие го пречекориле законот за јавни собири врзувајќи ја вратата со ланец од надворешната страна.
Поради тоа, кандидатот за градоначалник на СДСМ Здравко Коцев, заедно со уште двајца сопартијци биле повикани во просториите на СВР Штип и предупредени дека ќе следат соодветни санкции. За време на информативниот разговор, пред полициската станица дошле десетици членови и симпатизери на СДСМ да им дадат поддршка, но биле пречекани од кордон полиција.
Тие обвинуваат дека е употребена прекумерна сила и дека полицијата се нафрлила да ги тепа. МВР, пак, тврди дека тие неовластено влегле во кругот на СВР Штип и се обиделе насилно да влезат во зградата.
Што точно се случувало пред СВР Штип, погледнете го видеото со снимките од судирот помеѓу демонстрантите и полицијата.