Орка Холдинг и Метрополитен, се двете компании кои го поделија стопанисувањето со центрите за дијализа во државата, а Фондот ќе биде само купувач на здравствените услуги. Овие две компании добија лиценци за вршење на дијализа на јавното надавање кое се одржа вчера во попладевните часови во Министерството за здравство.
Орка Холдинг АД Скопје понудила највисока цена за дијализа во Реон 2 каде што спаѓаат Тетово, Гостивар,Дебар, Струга и Кичево, како и во Реон 3 каде што спаѓаат Прилеп, Битола, Велес, Кавадарци и Охрид. Метроплитен ДООЕЛ Скопје понудила највисока цена за Реон 1 каде што се опфатени Крива Паланка, Куманово,Делчево, Кочани, Гевгелија, Струмица и Штип, како и за Реон 4, односно скопскиот регион.
Откако ќе го потпишат договорот двете компании се должни да основаат приватни здравствени установи за вршење на дијализа, да ги заменат нефункционалните столици и апарти со нови, да обезбедат транспорт на пациентите, да понудат вработување на постоечкиот медицински кадар и да ги следат и применуваат новите достигнувања во областа на дијализата.
На огласот на Министертвото за здравство беа доставени пет понуди од гигантот Фризениус Медикал , Орка Холдинг АД Скопје, Метрополитен ДООЕЛ Скопје , АД Д-р Пановски и СИЗ Вита дијализен центар-Тетово.
Лиценца за вршење здравствена дејност дијализа во мрежа на здравствени установи во Македонија се доделува за период од 20 години.
Еден од условите е фирмата која ќе ја добие лиценцата за работа со дијализата да склучи договор за деловно техничка соработка со уште два производители на потрошен материјал и апарати за дијализа со минимум годишна продажба од 45 милиони дијализери кои имаат преставништво или дистрибутер во државата.
Овој услов ги збуни големите компании кои сметаат дека е ова невообичаено во пракса бидејќи Министерството ги условува доколку добијат на огласот да се здружат со конкуретски фирми иако самите се производители на целокупната медицинска опрема. Во некои од компаниите коментираат дека немале ниту време да се организираат за да конкурираат, бидејќи огласот бил случајно откриен 15 дена по неговото објавување.