Лондонскиот Тајмс го прогласи рускиот претседател Владимир Путин за меѓународна личност на годината.
Според Тајмс овогодишно достигнување на Путин е тоа што го „надигра“ американскиот претседател Барак Обама за Сирија, а Европската унија за Украина, така што го спаси од пропаст сирискиот претседател Башар ал-Асад и му даде закрила на Американецот Едвард Сноуден.
Како што соопшти денеска и генералниот директор на Серускиот центар за истражување на јавното мислење Валериј Фјодоров, Путин е избран и за личност на годината во Русија. Според Фјодоров, Путин ја добил поддршката на 22% од граѓаните на Русија.
Инаку Путин веќе 10 години ја добива најголемата поддршка од граѓаните при изборот на личност на годината.
Во октомври рускиот лидер беше прв на листата најмоќни политичари на светот според списанието Форбс со што на второ место го истисна американскиот колега Барак Обама.
Форбс оцени дека Путин е најмоќен политичар на светот затоа што ја зацврсти контролата врз земјата.