Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Театарот на апсурдот или како власта ја претвори европската иднина во алиби

0
By Zoran Ivanov on June 9, 2026 ИЗБОР
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Tuesday, June 9, 2026 06:22

Историјата е полна со лидери кои имале висока поддршка во моментот кога ги носеле најпогрешните одлуки. Токму затоа суштината на дебатата не треба да биде кој води во анкетите, туку кој има план за државата. А токму тука денес зјае најголемата празнина. Од претседателката слушнавме дека чека да види што ќе предложи Владата за спојувањето на безбедносните служби. Од Владата слушаме дека чека гаранции од Европската Унија. Од Европа слушаме дека чека реформи и политичка зрелост од Македонија. Сите чекаат. Никој не води!

Жанета Ќосе

Во политиката постои тенка линија меѓу трпението и неодговорноста. Меѓу внимателноста и парализата. Помеѓу државничкото одмерување на зборовите и бесконечното одложување на одлуките. Македонија денес опасно се движи по таа линија. Додека Европската Унија испраќа нови политички сигнали кон Западен Балкан, додека Германија и Франција отвораат иницијативи за деблокирање на процесот на проширување, а регионот полека се придвижува напред, македонската власт повторно пронаоѓа нова причина зошто не може да направи ништо.

Интервјуто на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за „360 степени“ и последните изјави на премиерот Христијан Мицкоски го потврдуваат токму тоа. Наместо визија, слушнавме резерви. Наместо план, слушнавме дилеми. Наместо стратегија, слушнавме објаснувања зошто стратегија се уште нема.

Во центарот на аргументацијата на претседателката стои тезата дека не може да се зборува за решение додека не се појави вистински „пејпер“, а не само нон-пејпер. На прв поглед тоа звучи разумно. Но токму тука се крие суштинскиот проблем на македонската политика во последните години. Државата повеќе не е актер кој предлага и иницира, туку набљудувач кој чека некој друг да напише документ, да даде гаранција, да понуди механизам или да преземе ризик.

Секогаш постои уште еден документ што треба да се види. Уште една формулација што треба да се разјасни. Уште една гаранција што треба да се добие. Уште една средба што треба да се одржи. Уште една интерпретација што треба да се прочита.

Проблемот е што времето не чека.

Во целото интервју претседателката не понуди ниту една конкретна идеја како Македонија треба да излезе од европскиот ќор-сокак. Наместо тоа, јавноста слушна долги правни интерпретации за тоа што може, а што не може Европската Унија. Слушна дека ветото не може да се одземе. Слушна дека гаранциите не се јасни. Слушна дека можеби постојат креативни решенија. Но не слушна што точно бара Македонија и како планира да го добие тоа.

Уште поинтересно е што во истото интервју претседателката признава дека интерпретативните заклучоци не можат да и го одземат правото на вето на Бугарија. Со тоа практично се руши централната политичка конструкција врз која власта со месеци ја гради својата позиција. Ако ветото останува, ако правните гаранции не постојат, ако конечната одлука и понатаму зависи од политичката волја на земјите членки, тогаш што точно бара Владата?

Токму затоа прашањето што се поставува е суштинско. Дали се бара реално решение или само политички „face saving“ механизам што ќе овозможи промена на позицијата без признавање дека претходната стратегија била погрешна?

Одговорот никогаш не е даден.

Особено симптоматично е што и по посетата на Антонио Кошта во Скопје, и по пораките на известувачот на Европскиот парламент Томас Вајц, и по разговорите на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват, власта продолжува да зборува за гаранции, а не за сопствени чекори. Кошта јасно порача дека европската перспектива останува отворена, но дека напредокот зависи од исполнување на преземените обврски. Вајц предупреди дека земјата не смее да остане заглавена во политички калкулации и бескрајни блокади. Во Тиват, пак, Германија и Франција преку иницијативата на Мерц и Макрон испратија сигнал дека во Европската Унија постои нова политичка волја за придвижување на Западен Балкан. Наместо да го искористи тој моментум и да понуди сопствена стратегија, македонската власт повторно се позиционира како набљудувач кој чека некој друг да ја напише следната страница од европската приказна.

Во меѓувреме, премиерот Мицкоски ги отфрла барањата за конкретен државен план со рокови и одговорности, нарекувајќи ги критиките од СДСМ дел од политичка агенда која го поткопува националниот идентитет. Но тука повторно се отвора едно многу важно прашање. Ако барањето за јасен план за отворање на кластерите и поглавјата е напад врз националниот идентитет, тогаш што е всушност државен интерес?

Дали државен интерес е бесконечното повторување дека Европа не блокира? Дали државен интерес е постојаното префрлање на одговорноста кон Брисел, Софија, Париз или Берлин? Или државен интерес е конечно да се каже што сака Македонија да направи во следните две, три или пет години?

Во политичката комуникација постои добро познат механизам наречен „менаџирање на очекувањата“. Кога немате резултати, ја менувате темата. Кога немате решение, зборувате за процедурите. Кога немате стратегија, зборувате за опасностите. Токму тоа се случува денес.

Наместо дебата за реформите, слушаме дебата за интерпретациите. Наместо дебата за владеење на правото, слушаме дебата за протоколи. Наместо дебата за економските придобивки од членството, слушаме дебата за формулации и записници.

Државата како да е заглавена во бесконечна правна расправа додека реалноста се менува пред нашите очи.

Во исто време, вниманието на Владата се повеќе е насочено кон сопствените политички пресметки. Најавената реконструкција на Владата не се претставува како обид за подобри политики, туку како механизам за стабилизирање на нарушените односи во коалицијата. Се лицитира со партии, со министерски места, со нови мнозинства и со кадровски рокади. Наместо државна стратегија, јавноста гледа партиска аритметика.

Особено симптоматично беше јавното презентирање на внатрепартиски анкети од страна на премиерот. Тоа не беше порака до граѓаните. Тоа беше порака до коалициските партнери. Демонстрација на политичка сила во момент кога внатрешните односи стануваат се покревки.

Но рејтингот не е политика.

Анкетите не отвораат кластери.

Партиските проценти не носат европски фондови.

Популарноста не гради институции.

Историјата е полна со лидери кои имале висока поддршка во моментот кога ги носеле најпогрешните одлуки.

Токму затоа суштината на дебатата не треба да биде кој води во анкетите, туку кој има план за државата.

А токму тука денес зјае најголемата празнина.

Од претседателката слушнавме дека чека да види што ќе предложи Владата за спојувањето на безбедносните служби. Од Владата слушаме дека чека гаранции од Европската Унија. Од Европа слушаме дека чека реформи и политичка зрелост од Македонија.

Сите чекаат.

Никој не води!

Тоа е суштинската слика на македонската политика во 2026 година.

Затоа повеќе од кога било е потребно да се каже една едноставна вистина. Доста е театар. Доста е со политички претстави во кои секој игра улога на жртва, а никој не презема одговорност. Доста е со бесконечни објаснувања зошто нешто не може да се направи.

Не станува збор за рејтинзи. Не станува збор за партиски пресметки. Не станува збор за тоа кој ќе ја добие следната изборна битка.

Станува збор за држава која веќе две децении живее во европската чекална и за генерации млади и луѓе кои заминуваат затоа што не можат повеќе да чекаат.

На Македонија денес не и недостигаат интерпретации. Не и недостигаат нон-пејпери, пејпери или нови политички формулации. На Македонија и недостига нешто многу поедноставно и многу поважно – лидерство што ќе престане да бара оправдувања и конечно ќе почне да бара решенија.

жанета чосе колумна
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 16, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

ВЕСТИ August 16, 2026

Ормускиот теснец ќе се отвора и затвора исклучиво под команда на Иран, изјави заменик-шефот на…

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026

Поглед од морето кон Омиш во пламен – спасувачите објавиja морничава снимка

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.