Пандемијата на коронавирусот направи тектонски поместувања од она што некогаш значеше нормално функционирање. Сега се наметнуваат нови правила и ново нормално, а технологијата е таа која го презема приматот и го наоѓа својот пат во речиси секој сектор и индустрија.
Тој пат речиси не го пронајде само кај третата власт. Во Кривичниот суд во Скопје каде се работат предмети од висок криминал, рочиштата се одвиваат по строги мерки за заштита од вирусот, но во последниот период се почесто се одложуваат, поради изолација или позитивни странки.
Судењето преку интернет сè уште не е достапно, иако во пракса има можност за тоа. Во соседните земји веќе започнаа со тој терк, а во Македонија, во Кривичниот суд во Кавадарци беше спроведено успешно првото такво судење.
ONLINE СУДЕЊЕ ВО КАВАДАРЦИ
Обвинетиот од притвор спроведен во полициска станица. Обвинителот во Обвинителството, а судијата во судница. Кривичниот суд во Кавадарци вака го одржа првото онлајн судење, кое беше наметнато поради коронавирусот.
„Заради обезбедување на функционалност во работата и непречено постапување по итните и неодложни предмети, а пред се во насока на превенирање на потенцијална и сериозна инфекција пред се во установите каде се наоѓаат лицата лишени од слобода и на кои им е изречена мерката притвор“, вели Лазар Нанев, претседател на судечки совет.
Постапката започна со воведни зборови на обвинителката, како и презентирање на докази. По што одбраната се изјасни дека го признава делото и се кае за истото. По завршните зборови како и во редовна постапка, судечкиот совет се повлече, а потоа донесе и пресуда.
Од Кривичниот суд во Кавадарци за НОВА додаваат дека овој вид на судење е и прво во Европа, а оваа пракса ќе ја применуваат и во иднина. Првото online судење беше спроведено по барање на обвинетиот.
ДИРЕКТЕН ПРЕНОС ОД СУДНИЦА
Дел од кривичните предмети се интересни за јавноста, па токму и вестите од текот на процесот се и едни од најинтересните за публика. Кривичниот суд во Скопје е целосно опремен за видео пренос од судските рочишта, преку донација од ОБСЕ, но тоа не е ставено сè уште во функција.
Проблем претставува тоа што доколку има повикано двајца сведоци на рочиштето, сведочењето на првиот не смее да го слушаат останатите, а медиа центарот се наоѓа непосредно до холот каде чекаат сведоците.
„Судот прави напори да овозможи технички и безбедносни услови како новинарите би следеле главни расправи преку аудио и видео опремата поставена во медиа центарот, а притоа доследно да се почитуваат законските одредби, нагласуваат од Основниот кривичен суд во Скопје.
КОВИД-19
Странките се должни при влез како и при движење низ судот и присуство во судница, постојано да носат заштита маска или визир, а со истото задолжение се обврзани и вработените на шалтерите, судиите, судиите – поротници и записничарите присутни во судниците, за која цел суд им има обезбедено заштитна опрема.
Судењата се организираат со физичко присуство на сите странки и со строго почитување на правилата и препораките од здравствените власти.
„При влез на секое лице во судот, без разлика дали е судија, судски службеник или странка во постапка му се мери телесната температура со безконтактен уред и доколку се утврди тепература над 37.5 не му се дозволува влез во судот, а за неговото отсуство и причините за истото се известува раководителот – доколку се работи за службеник или надлежниот судија – доколку се работи за странка во постапка“, велат од Кривичен суд.
Прашани за тоа како се почитуваат мерките внатре во судница и дали имало поплаки за непочитување, од Судот одговараат дека на секој шалтер и во судниците е поставен гел за дезинфекција наменет за странките, а на влезот во судската зграда и во секој хол пред судниците се обележани места за стоење како би се одржувала пропишаната дистанца.
„Во помалите судници се одржуваат расправи каде нема повеќе од 5 до 6 странки во постапката додека сите други судења со повеќе странки и заинтересирана јавност се одржуваат во трите големи судници каде е усогласен распоред на седење на одалечност од 2 метри. Воедно судниците редовно се чистат од службите во судот, а еднаш неделно судниците, шалтерите и тоалетите се дезинфицираат од професиопнална фирма за одржување“, информираат од Судот.
На почетокот од пандемијата, судовите ги ставија на пауза речиси сите рочишта, освен оние кои беа итни и неодложни.
ОДЛОЖЕНИ РОЧИШТА
Во Кривичниот суд во Скопје веќе неколку рочишта се одложува случајот „Таргет-Тврдина“ кој што е најважниот предмет од сега згаснатото СЈО, за масовното нелегално прислушување и за уништувањето на опремата користена за таа цел.
Овој предмет последниов период е ставен на брза трака, бидејќи во февруари 2021 година застарува едно од трите дела за кои во овој случај е обвинет ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков. Станува збор за делото примање награда за противзаконско влијание, за што е предвидена казна затвор до три години.
За скандалот со прислушувањето, обвинети се вкупно 12 лица, поранешниот директор на Управата за разузнавање и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и уште десет други вработени во УБК.
Обвинетите Горан Грујевски и Никола Бошкоски, за да го избегнат притворот во овој случај, избегаа во Грција, која, пак, одби да ги екстрадира во Македонија врз основа на амнестијата на преседателот Ѓорге Иванов. Ним им се суди во отсуство.
Во случајот веќе има и пресуда.