Борците на Исламската држава во текот на изминатата ноќ нападнале од сите страни во сирискиот град Кобани, само неколку часа откако Пентагон соопшти дека доставиле пратки со оружје и муниција за Курдите.
Според директорот на сириската Опсерваторија за човекови права Рами Абдел Рахман, екстремистите „го нападнаа градот од сите фронтови“.
Во текот на ноќта во Кобани се слушнале експлозии, а се одвивале и тешки борби. На северниот дел од градот регистрирани се два самоубиствени напади, пренесува Франс прес.
Според активисти, есктремистите покренале нов воен фронт во Ирак врз курдското место Кана Тапа, каде што се убиени најмалку 10 луѓе.
Неодамна американскиот државен секретар Џон Кери изјави дека неморално би било во моменти на борба да им се сврти грбот на Курдите кои се борат против припадниците на Исламската држава, иако САД, ЕУ и Турција курдските борци на ПКК ги сметаат за терористичка организација.