Градоначалникот на украинскиот град Харков, Генадиј Кернес, кој вчера беше тешко ранет кога некој се обиде да го убие пукајќи му од грб, ноќеска е однесен на лечење во Израел, соопшти градската управа на Харков.
„Израелските лекари стигнаа синоќа и препорачаа Кернес да биде пренесен во Израел, по што тој рано утринава е префрлен со авион“, соопшти за агенцијата Интерфакс, портпаролот на градската управа Јуриј Сидоренко.
Кернес вчера беше погоден со куршуми од огнено оружје додека возел велосипед и беше префрлен во локалната болница онесвестен. Неговата состојба се оценува како тешка, но стабилна.
Агенциите истакнуваат дека Кернес е познат по своите проруски ставови, а инцидентот е оквалификуван како дел од многуте насилни напади на истокот на Украина.