По повод Европскиот ден за сеќавање на жртвите од тоталитарните и авторитарните кој се одбележува на 23 август, директорот на Институтот за национална историја на Македонија Тодор Чепреганов, и претседателот на Здружението на поранешни политички затвореници, Шпатим Положани дискутираа на отворена дебата, под името „Тоталитаризам и Македонија“, која според организаторите, „Дајверзити медиа“, е со цел да ги охрабри граѓаните, интелектуалците и академските експерти да се инволвираат во развојот на јавната дебата во Македонија.
„Има промени само во Уставот и Кривичниот законик, но менталитетот во системот не чувствувам дека е променет, особено за Албанците а и за Македонците“, рече Положани. „Сведоци сме на спектакуларни апсења на чиновници, учители и обични граѓани со специјални сили“.
Тој напомена дека и денес чувствува ограничувања на слободата.
Директорот на Институтот за национална историја на Македонија Тодор Чепреганов, пак, го посочи примерот со случувањата со најпрестижниот медиум во Велика Британија, „Гардијан“, како и денешна пристуност на постоење на тоталитаризмот во светот.
Неодамна, британските власти упаднаа во редакцијата на весникот „Гардијан“ и побаа од уредникот Ален Разбридгер да им ги предаде доверливите документи. Тој гледал како двајца „експерти за безбедност“ во подрумот на зградата ги уништуваат компјутерите кои ги содржеле доверливите информации што им ги дал Едвард Сноуден.
За случувањата на домашната сцена, на барање на НОВА да ги искоментира случувањата околу Законот за медиуми кој наиде на контроверзност кај јавноста, за кој некои го опишуваат како потег за цензура, односно „авторитарен потег“, организаторот на дебатата, новинарот Назим Рушиди, од „Дајверзити Медиа“, вели авторитарен режим наштетува секому а во историјата знаел легитимно да биде спроведуван и преку закони.
„Од искуството се учи дека тоталитаризмот знаел да биде спроведуван и преку закони и еве сега имаме жртви на поранешни режими. И во денешно време може да се случи одреден закон по некое време да се покаже како тоталитарен“, изјави Рушиди.
Европскиот ден за сеќавање на жртвите од тоталитарните и авторитарните режими (некаде познат како Ден на Меѓународната Црна Лента), кој се одбележува на 23 август, е воспоставен од страна на Европскиот Парламент во 2008/2009 година како „Големиот европски ден на сеќавање на жртвите на сите тоталитарни и авторитарни режими, сеќавање со достоинство и непристрасност “.