Провладините сили во Сирија се повлекуваат од главните аеродроми и воено-воздушни бази заради можни воздушни удари од страна на САД, објави Сирискиот центар за човекови права.
Американскиот претседател Доналд Трамп објави на Твитер дека американски ракети „ќе дојдат“ во Сирија како одговор на наводната употреба на хемиско оружје од страна на владините сили во Сирија.
Сириското Министерство за надворешни работи денеска ги обвини САД дека користат „измислици и лаги“ како изговор за напад врз земјата, јавија државните сириски медиуми.
– Не сме изненадени од непромислената ескалација на режимот, каков што е режимот на САД, кој спонзорира тероризам во Сирија и се уште тоа го прави, се наведува во соопштението на сириското МНР.
Рускиот претседател Владимир Путин изрази надеж дека ќе победи „здравиот разум“ во светот кој станува „хаотичен“.
По повод моменталната ситуација за наводниот хемиски напад во Дума, Сирија, за кој Западот го обвинува режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, но и Русија, Путин истакна дека меѓународната ситуација станува многу проблематична.
– Состојбата во меѓународните односи предизвикува загриженост, ситуацијата станува хаотична, истакна Путин.
Тој додаде дека се надева оти на крајот ќе победи здравиот разум.
САД ги обвинуваат сириските сили дека се одговорни за наводниот напад со хемиско оружје во Дума и се закануваат со ракетен напад.
Се уште нема докази дека се случил напад со хемиско оружје, а Русија ги предупреди САД дека Москва нападот врз Сирија ќе го смета за воено злосторство.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова денеска изјави дека американските паметни ракети за кои зборува претседателот на САД, Доналд Трамп би можеле да ги уништат сите докази за употребата на хемиско оружје во Сирија.
– Паметните ракети би требало да летаат кон терористите, не кон легитимно избрана Влада, која со години се бори против тероризмот на своја територија, истакна Захарова.
Претходно, Трамп на Твитер и порача на Русија да се подготви за „нови и паметни ракети“ во Сирија.
Тој на Твитер напиша дека Русија не би требало да биде партнер со „животно кое ги убива со гас“ своите луѓе и кое во тоа ужива.
– Русија вети дека ќе ги собори сите ракети истрелани врз Сирија. Русијо подготви се, затоа што ќе дојдат убави и нови и паметни (ракети), напишта Трамп на Твитер.
Но, 40 минути подоцна, Трамп повторно на Твитер напиша „Да ја прекинеме трката во вооружување?“
– Нашиот однос со Русија е на полошо ниво од кога било, вклучително и од времето на Студената војна. Нема причина да биде така. На Русија и е потребна нашата помош со нејзината економија, што на нас би ни било многу лесно да го сториме, а на нас ни треба сите држави да работат заедно. Да ја прекинеме трката во вооружување?, напиша Трамп во вториот твит.
Портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков одби да прогнозира за ситуацијата во Сирија и за тоа дали САД би можеле да изведат напад.
– Да не се водиме според медиумските извештаи, посебно да не се земаат предвид ефемерни извори, посочи Песков.
Тој додаде дека претставниците на Кремљ се залагаат за непристрасна истрага за ситуацијата во Сирија, со цел да се дојде до веродостојни информации.
Песков истакна и дека рускиот претседател Владимир Путин за сега не планира телефонски да разговара со претседателот на САД, Доналд Трамп.
Светската здравствена организација (СЗО) побара пристап до градот Дума во Сирија за да ги провери извештаите дека повеќе од 500 лица се повредени како последица од хемиски напад.
Сириската Влада негира одговорност и употреба на боеви отрови.
СЗО пренесе информација дека 70 лица се убиени. Оттаму наведуваат дека нивните партнерски организации известуваат за 500 случаи со симптоми на труење со хемиско оружје.
Кризата околу Сирија ја покачи цената на нафтата
Цената на нафтата го достигна досега највисокото ниво во изминатите три години, откако претседателот на САД Доналд Трамп се закани дека ќе лансира проектили врз Сирија. Вредноста на нафтата брент се искачи на 72 долари за барел, што е највисоко ниво од декември 2014 година.
Сирија самата не е голем производител на нафта, но во неа се води војна меѓу герилски групи поддржани од Иран и од Саудиска Арабија, и секое вжештување на тензиите ја зголемува опасноста од регионален, па и глобален судир меѓу Русија и САД.
Но, аналитичарите на пазарот на нафтата навестуваат дека зголемувањето на цената може да биде краткотрајно, имајќи го предвид веќе долготрајниот значителен пораст на производството на нафта во САД. Американските стратегиски резерви на нафта се зголемија за 1,8 милиони барели во изминатата недела, и изнесуваат 429,1 милион барели, соопшти Американскиот институт за петролеј. Аналитичарите очекуваа дека американските резерви во овој период ќе се намалат, а не пораснат.
Арсеналот на САД и на Русија во Средоземно Море
Поморските флоти на Русија и на САД се на готовс, количеството на оружје што би можело да биде употребено е огромно.
Американскиот разорувач „Доналд Кук“, кој се приближи на околу 100 километри од Тартус, Сирија, каде се наоѓа воено-поморската база на Русија, опремен е со 50 крстосувачки ракети „Томахавк“.
Кон Сирија испратен е и носачот на авиони „Хари С. Труман“, а го придружуваат крстосувачот „Нормандија“ и четри разурнувачи – „Арлеј Бурк“, „Булкелеј“, „Форест Шерман“ и „Фарагут“. Американската флота е придружена и со германската фрегата „Хешен“.
Од друга страна во Средоземно Море се наоѓаат група борбени бродови на Русија, меѓу кои и дизел подморници, вооружени со ракетите „Калибар“. Во базата Хмејмим стационирани се авиони ловци и бомбардери, вклучително и најновите авиони Су-57.
Русија располага и со „бастиони“ крајбрежни ракетни комплекси со високопрецизни противбродски ракети „Јахонт“ и „Оникс“. „Бастиони“ можат да погодат бродови во радиус од 350 километри.



